Најмалку 11 загинати во нов руски напад врз Киев и околината

Најмалку 11 лица загинаа, а повеќе од десет се повредени во масовен руски напад со ракети и дронови врз Киев и околината во текот на ноќта. Меѓу повредените има и деца, а ова е шести последователен ден во кој украинската престолнина е цел на руски воздушни напади.

Во самиот Киев загинале осум лица, а пет се повредени, меѓу нив три деца. На повеќе локации избувнале пожари, а погодени биле објекти во Дарницкиот, Голосиивскиот и Соломјанскиот реон.

Во Бориспил, во Киевската област, загинале уште три лица, а 12 се повредени. Рускиот напад оштетил петкатна станбена зграда, продавница, куќи, деловни објекти и возила. Спасувачките екипи евакуирале 48 луѓе, а две лица биле извлечени од урнатините.

Украинските власти соопштија дека Русија во нападот употребила балистички, крстосувачки и противрадарски ракети, како и 218 дронови и мамки. Околу една третина од беспилотните летала биле со млазен погон. Украинската противвоздушна одбрана тврди дека пресретнала или неутрализирала 199 воздушни цели.

Меѓу погодените цели била и железничката инфраструктура во Киев. Според украинските власти, шестмина од загинатите биле вработени во државната железничка компанија „Укрзализница“.

Нападот започнал во понеделникот околу 18 часот и продолжил во текот на ноќта. Покрај Киев и Киевската област, погодени биле и други делови од Украина, меѓу кои Одескиот регион, каде била оштетена инфраструктура.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски утрово соопшти дека во руските напади низ Украина во текот на ноќта вкупно загинале 12 лица, а десетици се повредени.

Новите напади следуваат по неколкудневна интензивна руска воздушна кампања врз Киев. Само во претходните четири дена, според Зеленски, Русија употребила околу 1.500 дронови против Украина.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дата центри - дали сте информирани, дали поддржувате?

Веќе имате гласано на оваа акента.

⁠Информиран/а сум и не поддржувам, тоа е закана 83 (32%)
32 %
Поддржувам само ако се обезбеди заштита на животната средина 79 (30%)
30 %
Информиран/а сум и поддржувам, тоа е иднината 52 (20%)
20 %
⁠Не сум доволно информиран/а 46 (18%)
18 %