Македонскиот сектор за игри на среќа во 2025 година пријавил 852 милиони евра приходи, додека во домашните отворени инвестициски фондови биле уплатени околу 372 милиони евра, покажува анализата на „Банкарство.мк“. Односот од 2,3 спрема еден открива колку повеќе пари се вртат околу надежта за брза добивка отколку околу долгорочното инвестирање.
Во текот на минатата година приливите од продажбата на удели во отворените инвестициски фондови достигнале 22,9 милијарди денари, односно приближно 372 милиони евра. Но инвеститорите истовремено повлекле околу 17,18 милијарди денари или 279 милиони евра.
Кога од вкупните уплати ќе се одземат повлекувањата, произлегува дека во фондовите во текот на 2025 година влегле околу 93 милиони евра нето нов капитал. Во споредба со оваа сума, приходите на компаниите од секторот игри на среќа биле повеќе од деветпати поголеми.
На крајот од 2025 година вкупната нето-вредност на имотот на отворените инвестициски фондови достигнала 29,37 милијарди денари или околу 478 милиони евра. Станува збор за капитал собиран во текот на повеќе години, додека индустријата за игри на среќа пријавила 852,2 милиони евра приходи само за една година.
Податоците покажуваат и континуиран раст на овој сектор. Во 2024 година компаниите пријавиле приходи од 836,5 милиони евра, а во 2023 година од 791,3 милиони евра. За три години, вкупниот износ достигнал приближно 2,48 милијарди евра.
Сепак, приходите на компаниите не смеат автоматски да се толкуваат како пари што граѓаните ги загубиле во казината и обложувалниците. Кај игрите на среќа постојат и исплати на добивки, а начинот на евидентирање се разликува во зависност од видот на играта.
Во годишните даночни пријави за 2025 година Управата за јавни приходи евидентирала 11,11 милијарди денари, односно околу 180,7 милиони евра добивки од игри на среќа. Ниту оваа бројка не ги опфаќа сите бруто-исплати кон играчите, а збирен јавен податок за вкупно исплатените добивки во 2025 година не е објавен.
Споредбата меѓу двата сектора не значи дека парите потрошени за обложување би завршиле во инвестициски фондови доколку игрите на среќа не постоеле. Сепак, размерот ја покажува големата разлика меѓу пазарот што продава надеж за моментална добивка и финансиските производи засновани врз долгорочно штедење и принос.

