Кузмановска: На младите не им требаат пароли, туку држава без корупција

Држава без корупција, функционално владеење на правото и квалитетни образование и здравство се условите што можат да ги задржат младите во Македонија, порача претседателката на Социјалдемократската младина на Македонија, Стефанија Кузмановска, во интервју за емисијата „Трилинг“ на ТВ 24. Таа оцени дека младинската политика мора да се води со знаење, јасни вредности и конкретни мерки, а не со пароли и лични пресметки.

Кузмановска има 27 години и е дипломирана хемиска инженерка по аналитичка биохемија на Природно-математичкиот факултет. Во разговорот истакна дека аналитичкиот пристап што го стекнала преку образованието се обидува да го примени и во политичкото дејствување.

Според неа, на македонската политичка сцена ѝ е потребна нова култура во која ќе се натпреваруваат идеи, програми и вредности, наместо политичари да се пресметуваат преку навреди, лични напади и елитизам.

Кузмановска рече дека за успешно политичко организирање не постои магична формула. Како најважни компоненти ги издвои квалитетните луѓе, јасната идеологија, принципиелноста и посветената работа.

Таа го посочи СДММ како простор во кој младите треба да се подготвуваат за преземање јавна одговорност и да се градат како стручни кадри способни да креираат прогресивни политики.

Говорејќи за иселувањето, Кузмановска оцени дека економската состојба не е единствената причина поради која младите ја напуштаат земјата. Како важни фактори ги наведе корупцијата, недовербата во институциите, слабостите во владеењето на правото и незадоволството од образовниот и здравствениот систем.

Според неа, платата е важна, но младите сакаат и предвидлив систем во кој правилата ќе важат за сите, институциите ќе функционираат, а професионалниот напредок нема да зависи од политички или лични врски.

Како конкретни мерки за подобрување на студентскиот стандард, Кузмановска ги издвои воведувањето на субвенционираниот студентски оброк и зголемувањето на студентските стипендии за 100 проценти. Таа порача дека позитивните младински политики мора да продолжат, независно од промените на власта.

Кузмановска потсети и на „Манифестот на социјалдемократијата“, документ што СДММ го изработи во 2024 година и во кој се содржани иницијативи и мерки поврзани со животниот стандард, еднаквите можности и европската иднина на младите.

Нејзиното потекло од Демир Хисар и професионалното искуство во Министерството за животна средина и просторно планирање, според Кузмановска, ѝ овозможиле непосредно да ги согледа разликите меѓу главниот град и помалите општини. Таа нагласи дека рамномерниот регионален развој и децентрализацијата мора да бидат дел од секоја сериозна младинска политика.

„Останав да придонесувам тука затоа што имам амбиција и капацитет за позитивни промени. Сакам да ја видам Македонија како прогресивна и европска држава“, истакна Кузмановска во „Трилинг“.

Таа порача дека социјалдемократијата треба да понуди јасна алтернатива заснована врз демократија, еднаквост и европска перспектива, со младите како активни учесници во носењето на одлуките што директно ќе ја обликуваат нивната иднина.

Рацин.мк ве прашува:

Што ќе ни донесе вештачката интелигенција во следните пет години?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Што ќе ни донесе вештачката интелигенција во следните пет години?