Грција со нова реакција за учебниците: „Погрешната терминологија“ го крши Преспанскиот договор

Заменичката министерка за надворешни работи на Грција, Александра Пападопулу, во грчкиот парламент

Грција бара отстранување на формулации од учебниците во Северна Македонија за кои смета дека имаат „ревизионистички или иредентистички карактер“, а Атина тврди дека употребата на, како што ја нарекува, погрешна терминологија претставува прекршување и на Преспанската спогодба и на Уставот на Северна Македонија.

Ова го изјави заменичката министерка за надворешни работи на Грција, Александра Пападопулу, во грчкиот парламент, одговарајќи на пратеничко прашање за наводни иредентистички елементи во нови училишни учебници во Северна Македонија.

Како што објавија „Та Неа“, прашањето се однесувало на учебник за македонски јазик за шесто одделение. Пратеникот Јоргос Рундас тврдеше дека во него се користат формулации за „татковината“, а Александар Македонски е претставен како „Македонец“, без, според него, разграничување меѓу античкиот Македонец и современиот македонски идентитет.

Пападопулу посочила дека учебниците ги одобруваат и печатат надлежните министерства за образование во секоја држава, но дека грчката страна продолжува да бара, како што наведува, „правилно“ претставување на историските личности и терминологијата.

Таа се повикала и на членовите 7 и 8 од Преспанската спогодба, наведувајќи дека прашањата поврзани со историското толкување и учебниците се предмет на работата на Мешовитата интердисциплинарна комисија на експерти.

Според Пападопулу, Комисијата треба да заседава најмалку двапати годишно, наизменично во Атина и Скопје. Последната средба, како што информирала, била одржана во Атина во мај 2026 година, додека записниците од работата на Комисијата се доверливи.

Грчката заменичка министерка тврди дека нејзината страна продолжува да инсистира на свикување на Комисијата и на спроведување на преземените обврски.

Случајот повторно го отвора чувствителното прашање за спроведувањето на Преспанската спогодба во делот на учебниците, историските интерпретации и терминологијата, тема која и понатаму предизвикува политички реакции во двете земји.

Рацин.мк ве прашува:

Дали имате доверба во квалитетот на храната што се продава во Македонија?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали имате доверба во квалитетот на храната што се продава во Македонија?