Нов холивудски гигант: „Paramount“ го презема „Warner Bros. Discovery“ за 81 милијарда долари

ВИ генерирана фотографија

Новиот медиумски гигант ќе ги обедини HBO Max и Paramount+, телевизиските мрежи CNN и CBS, како и огромни филмски и телевизиски каталози. Меѓу нив се франшизите „Harry Potter“, „Game of Thrones“ и „Top Gun“. Спојувањето дополнително ќе ја концентрира моќта во американската филмска и телевизиска индустрија, што беше и една од главните причини за противењето на зделката.

Американски федерален суд даде зелено светло за преземањето на „Ворнер брос дискавери“ од страна на „Парамаунт скајденс“, отстранувајќи ја последната голема правна пречка за една од најголемите медиумски зделки во историјата. Компаниите очекуваат трансакцијата да биде финализирана на 6 октомври.

Вредноста на преземањето на акциите е околу 81 милијарда долари, додека вкупната вредност на трансакцијата, кога ќе се вклучи и долгот на „Ворнер“, достигнува приближно 111 милијарди долари. Со спојувањето под ист корпоративен покрив ќе се најдат две од историски најзначајните холивудски студија, како и некои од најпознатите телевизиски, филмски и стриминг брендови во светот.

Калифорнија и уште 11 американски сојузни држави во јули поднесоа тужба со која се обидоа да го блокираат преземањето, тврдејќи дека спојувањето би ја намалило конкуренцијата и би можело да доведе до помал избор и повисоки цени за потрошувачите. По повеќемесечниот спор, страните минатата недела постигнаа спогодба, која сега ја одобри федералната судијка Арасели Мартинез-Олгин.

Одобрението, сепак, доаѓа со низа обврски. Новата компанија ќе мора да прикажува најмалку 30 филмови годишно во американските кина во следните пет години и дополнително да инвестира 300 милиони долари годишно во филмска продукција во САД. Предвидени се и посебни правила за преговорите за кабелските канали, како и формирање независен новинарски одбор што ќе ги надгледува информативните операции на CNN и CBS News.

Доколку компанијата не ги исполни обврските за бројот на филмови, една од можните последици е принудна продажба на студиото „Мирамакс“. „Парамаунт“ се согласи и да обезбеди средства за поддршка и преквалификација на работници погодени од спојувањето.

И покрај постигнатата спогодба, критиките не исчезнаа. Противниците на преземањето сметаат дека мерките не се доволни за да се спречи натамошната концентрација на медиумската индустрија. Американското здружение на сценаристи, кое исто така водеше правна постапка, во меѓувреме постигна сопствен договор со „Парамаунт“.

Со завршувањето на зделката ќе започне и нова фаза во управувањето со компанијата. Извршниот директор на „Мател“, Инон Крајз, ќе стане коизвршен директор заедно со Дејвид Елисон, кој останува една од клучните фигури во новата медиумска групација.

Регулаторните одобренија веќе пристигнаа од повеќе пазари, меѓу кои Европската Унија, Велика Британија, Канада, Австралија, Кина, но и Македонија, Србија и Црна Гора.

Доколку финализирањето се одвива според планот, на 6 октомври ќе биде заокружено спојување што значително ја менува картата на глобалната забавна индустрија, од холивудските студија и кинодистрибуцијата до телевизиските вести и битката меѓу стриминг-платформите.

Рацин.мк ве прашува:

Дали имате доверба во квалитетот на храната што се продава во Македонија?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали имате доверба во квалитетот на храната што се продава во Македонија?