Празник во недела – во понеделник на работа: Комората предлага, ССМ против

ФОТО: mbh.mk

Стопанската комора го објави конкретниот предлог за промена на системот на празници во Македонија: бројот на неработни денови по работник да се сведе на максимум 13 годишно, а празниците што паѓаат во недела повеќе да не се „префрлаат“ во понеделник. Предлог-измените на Законот за празниците наскоро треба да бидат доставени до Министерството за економија и труд.

Предлогот веднаш наиде на реакција од Сојузот на синдикати на Македонија. Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, кусо и остро одговори на иницијативата на работодавачите.

„Стопанска комора зборувале да кратат празници, а да платат не им се слуша!“, напиша Трендафилов на социјалните мрежи.

Со тоа, расправата за бројот на празници практично се претвора и во судир меѓу работодавачите и синдикатите: Комората го отвора прашањето преку продуктивноста и економските трошоци, додека ССМ го поставува во контекст на платите и работничките права. Комората најави дека предлог-измените ќе ги достави до Министерството за економија и труд

Предлогот не значи укинување на конкретни државни, верски или етнички празници. Единаесетте празници кои се неработни за сите граѓани би останале, а секој работник при склучување договор за вработување би избрал уште два неработни дена од групата празници кои сега важат само за одредени верски или етнички заедници. Така, според Комората, секој вработен би имал вкупно 13 неработни празнични денови.

Проектниот менаџер во Комората, Анета Димовска, образложи дека сегашниот систем создава разлики во бројот на неработни денови што можат да ги користат граѓаните во зависност од нивната верска и етничка припадност. Како пример посочи дека православните припадници на одредени етнички заедници можат да користат 11 празници за сите граѓани, дополнителни православни празници и уште денови предвидени за нивната етничка заедница.

Втората промена директно би го сменила правилото што важи денес. Законот предвидува дека ако празник што важи за сите граѓани падне во недела, наредниот ден е неработен. Комората предлага оваа одредба да се укине, односно понеделникот да остане работен ден.

Тоа особено се гледа годинава. Во календарот за 2026 година, на пример, 24 Мај – Денот на сесловенските просветители паѓа во недела, па согласно сегашниот закон 25 мај, понеделник, е неработен ден. Со предложеното решение вакво „префрлање“ повеќе не би имало.

Комората предлогот го образложува и со продуктивноста и трошоците за компаниите. Според нејзината анализа на 36 европски економии, во околу 70 проценти бројот на неработни денови се движи меѓу 11 и 14. Во Македонија има 11 празници кои се неработни за сите, но со дополнителните пет празници за православните верници бројот може да достигне 16.

Од Комората тврдат и дека честите продолжени викенди создаваат организациски проблеми за компаниите, а дел од граѓаните ги користат за патувања во странство, со што дел од потрошувачката се пренесува во други економии.

Станува збор за предлог на Стопанската комора, а не за веќе донесена одлука. За новите правила да почнат да важат, потребни се измени на Законот за празниците.

Рацин.мк ве прашува:

Дали ЕУ го признава македонскиот идентитет?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали ЕУ го признава македонскиот идентитет?