На 19 октомври 2026 година (понеделник), со почеток во 19 часот, во „Салон 19,19“ на Културно-информативниот центар – Скопје ќе биде одржана промоција на словенечкото и на македонското издание на двојазичната словенечко-македонска стихозбирка „Venec za Iskro – Венец за Искра“ од проф. д-р Милан Јазбец, словенечки дипломат и поранешен амбасадор на Словенија во Македонија (2016–2020), универзитетски професор, писател и поет, автор, коавтор, уредник и приредувач на повеќе од сто книги од различни области.
Стихозбирката, која претставува своевиден сонетен венец, е творечки израз на почитта, гордоста и љубовта со кои се воспеваат животниот пат и творечките дострели на Искра Чоловиќ (1960–2023), доајен на македонското радио-спикерство, новинарка, истакната македонска публицистка и, пред сѐ, исклучителен човек, со посебна харизматичност и ведрина, преку кои ја пресоздаваше и ја возобновуваше убавината на животот. Оваа двојазична словенечко-македонска стихозбирка првпат беше објавена во Словенија во април 2026 година, во издание на „Културни центар – Марибор“ од Марибор, додека македонското издание, во издание на „Студентски сервис“ од Скопје, излезе од печат кон крајот на август годинава.
Во текот на својата дваесетгодишна спикерска кариера, Искра Чоловиќ, покрај презентацијата на вести и информации во централните информативни емисии на Македонското радио – Радио Скопје, сними повеќе илјади документарни прилози и емисии за сите три програми на Македонското радио, кои се дел од неговата богата и непроценлива аудиодокументација. Како новинарка во Детско-образовната редакција на Македонското радио – Радио Скопје, таа беше авторка на емисиите за деца „Добро утро, љубопитни“, „Мал радиовесник“, „Шарена емисија“, „Нова планета“, „Меридијани“, „Детско катче“ и „Утрински жуборења“, кои беа меѓу најслушаните емисии на програмите на Македонското радио.
Покрај тоа, Искра Чоловиќ беше авторка и коавторка на повеќе специјални радиоемисии, меѓу кои „Чекор во Старата скопска чаршија“ (I–III, 1998), „Да се запамети за никогаш да не се повтори“ (I–IV, 2011), „Ако влегуваш во овој храм во кој љубовта е вера, помоли се!“ (I–V, 2013), „Лебедовата песна на Заробеничката на ветрот“ (I–II, 2015), „Македонското радио – бастион на македонскиот литературен јазик“ (2014) и „Слободата и достоинството – основни вредности во меѓучовечките, меѓурелигиските и меѓукултурните односи“ (I–VI, 2015).
Како истакната македонска публицистка, Искра Чоловиќ беше авторка, коавторка или приредувачка на 14 книги од областа на литературата, културата и меѓукултурниот, меѓуцивилизацискиот и меѓурелигискиот дијалог. Заедно со Свето Стаменов, таа даде исклучителен придонес за повторното откривање и афирмирање на творештвото на првата македонска поетеса Даница Ручигај (1934–1963), чие дело по нејзината трагична смрт во скопскиот катастрофален земјотрес на 26 јули 1963 година со децении остана недоволно присутно во македонската културна јавност. Со своето заедничко творештво, тие придонесоа поезијата на Ручигај повторно да го заземе заслуженото место во современата македонска поезија и во македонската култура воопшто.
Заедно со Свето Стаменов, Искра Чоловиќ ги објави книгите посветени на Даница Ручигај и нејзиното творештво: „Лебедовата песна на Заробеничката на ветрот“ (2016), „Ако влегуваш во овој храм во кој љубовта е вера, помоли се!“ (2017), „Лабудова песма Заробљенице ветра“ (2019), „Даница Ручигај: Песна над песните“ (2020) и „Даница Ручигај и книжевната критика“ (2021). Таа беше и приредувачка на книгите на Даница Ручигај „Сребрени ноќни игри & Заробеници на ветрот“, објавена во 2003 година по повод четириесетгодишнината од трагичната смрт на поетесата, нејзиното јубилејно издание од 2023 година, објавено по повод шеесетгодишнината од земјотресот, како и српското издание „Сребрне ноћне игре и Заробљеници ветра“. Исто така, таа беше приредувачка на антологијата на песни посветени на Даница „Недореченост, о проклета да си“ (2018) и коавторка на изложбата на факсимили од ракописни песни посветени на поетесата (2018).
Во 2023 година, неколку месеци пред нејзината ненадејна смрт, заедно со Свето Стаменов го реализира и краткометражниот документарен филм „Даница Ручигај: Песна над песните“, исто така по повод шеесетгодишнината од трагичната смрт на поетесата.
Покрај тоа, Искра Чоловиќ беше една од приредувачките на првата антологија на песни посветени на скопскиот катастрофален земјотрес „Ден судбоносен – 26 јули 1963“, објавена по повод 55-годишнината од трагичниот настан, како и коавторка на книгите „Поглед врз Старата скопска чаршија“ (прво и второ изменето издание, 1997 и 2003) и „Слободата и достоинството – основни вредности во меѓучовечките, меѓурелигиските и меѓукултурните односи“ (2015).
Во чест на Искра Чоловиќ постхумно беа објавени и специјални изданија на „Лебедовата песна на Заробеничката на ветрот“ на македонски, српски и англиски јазик, кои ги приреди токму проф. д-р Милан Јазбец.
„Венец за Искра – Venec za Iskro“ од Милан Јазбец е уникатна поетска приказна за жената која со својот автентичен стил, професионална умешност и творечки дострели го збогати македонскиот радиодифузен простор, внесувајќи во него препознатлив спикерски израз и поставувајќи високи стандарди во македонското радио-спикерство и новинарство.
Стихозбирката ја сочинуваат три целини: „Вовед: Етер“, со пет стиха; „Радио серија: Емисии“, составена од дванаесет емисии со по седум стиха; и „Магистрал“, со дванаесет стиха. До секоја песна се приложени факсимили од ракописот на словенечки и на македонски јазик, што ѝ дава на книгата и дополнителна документарна и визуелна вредност.
Во стихозбирката е поместена и „Pesnitev za Iskro“, која претставува скратена варијација на „Венец за Искра“ и се состои од целините „Uvod: Eter“, „Prehod: Življenja ris“ и „Magistrale: Ime zveneče“. Препевот од словенечки на македонски јазик е дело на словенечката поетеса и преведувачка од македонско потекло Соња Цекова Стојаноска, додека дизајнот на корицата е на младата македонска графичка дизајнерка Бојана Симевска.
Книгата е збогатена и со пригодни текстови на Мартин Лузар („Професија како дом“), проф. д-р Васил Тоциновски („За достоинството и за убавината на зборот“), проф. д-р Димитар Пандев („За континуитетот на словенечко-македонските книжевни врски“) и проф. д-р Александар Сандевски („Искра – тивка светлина што никогаш нема да згасне“).
И двете изданија на „Венец за Искра“ се дел од книжниот фонд на Конгресната библиотека во Вашингтон, една од најзначајните библиотеки во светот, што дополнително го потврдува нивното значење како дел од современото словенечко-македонско книжевно и културно наследство.
Во рамките на донацијата што Свето Стаменов ја организираше во чест и спомен на Искра Чоловиќ, во фондот на Конгресната библиотека беа вклучени и првото македонско и српското издание на „Лебедовата песна на Заробеничката на ветрот“, објавени во 2016 и 2019 година, како и специјалните изданија на македонски, српски и англиски јазик, чии автори се Искра Чоловиќ и Свето Стаменов. Донацијата ги опфати и книгите „Даница Ручигај и книжевната критика“, „Недореченост, о проклета да си“, првото издание на „Поглед врз Старата скопска чаршија“, како и „Сребрени ноќни игри & Заробеници на ветрот“ од Даница Ручигај, во издание што го приредија Искра Чоловиќ и Свето Стаменов.
Конгресната библиотека претходно самостојно ги имаше набавено и книгите „Даница Ручигај: Песна над песните“ и второто издание на „Поглед врз Старата скопска чаршија“.
Промоцијата на словенечкото и на македонското издание на „Venec za Iskro – Венец за Искра“ ќе биде можност повторно да се осветлат животот, творештвото и културниот придонес на Искра Чоловиќ, но и да се потврди трајноста на словенечко-македонските книжевни и културни врски.
Промотори на двете изданија ќе бидат проф. д-р Елена Јованова Грујовска, проф. д-р Димитар Пандев, проф. д-р Славчо Ковилоски и проф. д-р Александар Сандевски, а модератор ќе биде Часлав Митрички.

