Рекорден Скопски маратон: Помасовен од Белград, Софија и Загреб

Со рекордни 15.040 учесници од 63 земји, 22. издание на Виз Ер Скопскиот маратон ја надмина масовноста на маратоните во Белград, Софија и Загреб, заокружувајќи го овогодишниот настан со доделување благодарници на партнерите и поддржувачите.

По истрчаните километри, бодрењата и медалите, организаторите на завршниот коктел им оддадоа признание на институциите, партнерите и волонтерите чиј придонес беше клучен за успешната реализација на најголемиот спортски спектакл во главниот град.

Генералниот секретар на Сојузот на спортови на Скопје, Гордана Кузмановска Николовска, истакна дека растот на маратонот е директно поврзан со довербата и поддршката од заедницата.

„Спортските настани може да растат само ако имаат поддршка од заедницата. Нашите партнери немаат желба само да се истакнат. Тие искрено веруваат и се залагаат за спортот и спортистите“, посочи Кузмановска Николовска.

Таа додаде дека дел од поддржувачите се вклучени со целосни логистички капацитети.

„Имаме партнери кои логистички се инволвирани со целосни капацитети, не дека мораат, туку искрено сакаат Виз Ер Скопски Маратон да биде подобар во секое следно издание“, изјави таа.

Патот до овогодишната рекордна бројка започна со обновувањето на трката во 2007 година, на иницијатива на тогашниот евроамбасадор Ерван Фуере и тогашниот градоначалник Трифун Костовски, кога беа пријавени околу 700 натпреварувачи. Денес, Скопје бележи над 15 илјади тркачи, од кои 52 проценти беа жени, додека мажите доминираа на подолгите дистанци со 72 проценти во маратонот и 60 проценти во полумаратонот.

На патеката беа забележани и впечатливи лични приказни. Маратонката Миљана Ристиќ ја истрча трката на пет километри во деветтиот месец од бременоста, две недели пред породувањето, додека највозрасниот учесник на маратонската патека имаше 78 години.

Масовноста на Скопскиот маратон добива значајна тежина во регионални рамки. Според споредбените податоци, Скопје со 15.040 учесници ги надмина Белград со 14.000, Софија со 12.000 и Загреб со 5.100 учесници, додека поголема масовност во регионот забележа единствено Љубљанскиот маратон со 22.500 тркачи.

За безбедноста и логистиката се грижеа 620 волонтери, од кои 80 проценти девојки. За разлика од вообичаената меѓународна пракса каде што освежувањето се поставува на секои 2,5 километри, во Скопје пунктови со вода, овошје, електролити и колачи имаше на секои 800 метри. Благодарение на поволните временски услови, добрата хидратација и рамната патека сертифицирана од АИМС, медицинските екипи регистрираа само минимален број полесни интервенции.

„Заедно создадовме врвен спортски настан, се создаде голема трчачка заедница, а од нив произлегоа врвни маратонци. Ова е хет трик за нашето општество“, заклучи Кузмановска Николовска.

Рацин.мк ве прашува:

Кога очекувате комплетно завршување и пуштање во употреба на автопатиштата?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кога очекувате комплетно завршување и пуштање во употреба на автопатиштата?