Промената на власта во Србија нема да донесе пресврт во односот кон независноста на Косово, оценува албанскиот премиер Еди Рама. Според него, победниците на српските парламентарни избори не покажуваат подготвеност да го отворат прашањето за признавање.
Рама ова го изјави на Самитот за проширување на „Еуроњуз“ во Брисел, коментирајќи ја победата на Студентската листа и очекувањата од идната српска влада.
„Тие се целосно затворени за признавањето на Косово, што значи дека музиката во Белград нема да се промени“, рече Рама.
Албанскиот премиер нагласи дека признавањето на Косово е особено важно прашање за него и за Албанците. Сепак, тој предупреди дека Србија не треба да биде оставена да се оддалечи од европскиот пат, бидејќи тоа би имало последици за целиот регион.
Според Рама, Србија е важен дел од Западен Балкан и треба да биде дел од заедничката европска иднина. Но приближувањето кон ЕУ, порача тој, бара исполнување конкретни обврски. Како спорни прашања ги посочи нормализацијата на односите со Косово, односот кон Русија и неусогласувањето со европските санкции.
Неговата оценка доаѓа во време кога изборната победа на студентското движење отвори очекувања за демократски промени во Србија. Во изборната програма, движењето се насочи кон борбата против корупцијата, независноста на институциите и подобрувањето на животниот стандард. За Косово, сепак, остана на позицијата на противење на неговото признавање, повикувајќи се на српскиот Устав.
Промената на власта, според тоа, отвора можност за поинаков начин на водење на државата, но засега нема најава дека ќе ја промени нејзината позиција за косовската независност.
На самитот Рама зборуваше и за европската интеграција на Албанија. Ја повтори целта пристапните преговори да завршат до крајот на 2027 година, без да постави конкретен датум за членство. Побара ЕУ посилно да го вклучи регионот во европските процеси, предупредувајќи на ризиците од неговото оставање надвор.

