Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Ковачевски: Ни треба стабилно мнозинство за брз развој и напредок

Како држава ни треба стабилно мнозинство кое ќе овозможи брз развој и напредок, мнозинство кое ќе овозможи да се одблокираат важни закони за граѓаните без да мора да чекаат на опозицијата да одлучи дали граѓаните и нивната иднина се повредни од нивните дневно политички интереси, порача премиерот Димитар Ковачевски на денешната собраниска седница посветена на реконструкција на Владата.

– Денес зборуваме за обединување на европското прашање, каде ВМРО-ДПМНЕ вечно останува изолирана и вечно против државните интереси. Денес ние знаеме дека имаме обединет европски фронт и јас сум уверен дека и најхрабрите нивни пратеници ќе имаат доблест да ја видат историската шанса пред која се ставени, рече премиерот Ковачевски во своето обраќање пред пратениците.

Ковачевски потенцира дека ние сме мултиетничка граѓанска држава, успешна функционална мултиетничка демократија, пример во регионот и во Европа, а граѓаните сите без исклучок сакаат стабилност, европски квалитетна услуга и сакаат европски квалитет на живот.   

– Јас ветив дека ќе предводам на европскиот пат, а за вредна цел нема лесен пат. Патот е еден, изборот е одамна направен, нема време за губење и мора да се бројат само резултати. За мене, за нас, правецот е еден и нема гледање лево или десно. За назад не ни помислуваме и не ни помислувам, рече тој. 

За премиерот Ковачевски, како што нагласи, оваа реконструкција на Владата не е мотивирана од имиња и презимиња и оти денешните одлуки не се мотивирани од теснопартиски интереси на ниту една партија во Владата, сегашните или идните.

– За мене овие одлуки не се врзани и не смеат да бидат поврзани со желбите, мотивите и барањата на кое било партиско раководство. Денес ние сите носиме одлука дали и како ќе останеме на единствениот пат на државата. Дали ќе останеме на патот на прогресот, дали ќе останеме на патот на развојот на стабилноста и извесноста, на економијата, на енергетиката, на животниот стандард и на безбедноста на граѓаните или како што сакаат дел од внатрешните и од надворешните негативни фактори да ја втурнеме државата во нова криза, нестабилност, непредвидливост и неред, истакна Ковачевски во своето обраќање.

Премиерот потенцира дека тој од самиот почетокот, го направил изборот.

– И тогаш пред една година и во цела 2022 година и денес ни милиметар немам намера и нема да отстапам од тој правец. Точно знам што правиме и што треба да направиме, точно знаеме да разликуваме добро од лошо, точно знам да направам разлика од заедничкото и личното, точно знам што е држава и национален интерес, а што се лични и партиски бизнис или профитерски интереси. И не калкулирам и не се грижам за личниот рејтинг и не тактизирам за дневни потреби. Секогаш во кое било време и ситуација го бирам и на прво место го ставам државниот и националниот интерес, интересот на граѓаните и државата, рече тој.

Од денот кога станал премиер, рече Ковачевски, рекол дека во Владата секогаш ќе има отворена врата за сите партии и личности кои сакаат и знаат да работат за европска сегашност и иднина на државата. На тој начин, додаде тој, успеавме да се справиме и да се справуваме со најтешката криза – безбедносна, енергетска и инфлаторна во повоена Европа.

– Најважно од се на сите обиди за внатрешна и надворешна стабилизација ние успеавме да постигнеме стабилност, ред и да го задржиме правецот. Тоа се успеа со конечен почеток на преговорите со ЕУ и со активна соработка со стратешкиот пријател САД, рече тој.

Затоа, според Ковачевски, постојано била потенцирана потребата од задржување, зацврстување и проширување на европскиот фронт.

– Со сите кои мислат и работат за доброто на државата и граѓаните без разлика дали се од владејачкото мнозинство или опозицијата – да, јас и ние понудивме рака и начин за соработка за овие стратешки правци и интереси на граѓаните. Бидејќи кога е тешко, кога е криза, кога имаме потреба за стабилност потребно е сите да се заедно, да работиме за заедничките и државните интереси, рече премиерот.

Во вакви времиња, потенцира Ковачевски, не смееме да дозволиме најважниот разговор да е за позиции, фотелји, директори, едни или други имиња.

– Сега повеќе од кога било не смее да биде предмет на пребројување на партиска, етничка или која било друга припадност. Сега е време за врвните интереси на државата и граѓаните да бидеме сплотени и координирани, да работиме за себе дома и на одговорен начин да покажеме дека Македонија е наша заедничка одговорност и обврска. А за разлика и за разликите и понудите ќе мерат, судат и одлучуваат граѓаните на избори тогаш кога ќе дојде редот – следната 2024 година, рече Ковачевски. 

Премиерот, кој е и претседател на СДСМ, вели дека за него политиката нема и не е математика, не е збир на позиции и функции и собирања, одземања, множење и делење туку за него политиката е одговорност, вредност, принципи и обврски.  

– Јас не смеам да дозволам да направиме ситуација во која граѓаните ќе се будат и живеат дневно во неизвесност, грч и размислувања дали ќе не биде или не, дали ќе има плати и пензии, струја и храна и дали ќе се движиме кон неред и хаос. Ни на крај памет не ми паѓа да дозволувам таква ситуација, а верувајте ми таква држава многумина сакаат и од внатре и од надвор, рече Ковачевски.

Според него, има луѓе и структури кои сакаат хаос затоа што така најлесно да функционираат научени да крадат, да не работат, да ловат во матно и потоа да бегаат надвор со пари на странски сметки со фамилии во странство.

– Тоа го прават ВМРО-ДПМНЕ и нивните инструктори од Левица. Блокади на закони, кочници на сите страни, странски антидржавни интереси, хаос и безредие, навреди и евтин антидржавен популизам. Е тоа не бива. Тоа нема да се случи, рече Ковачевски.  

Тој објасни дека иницирал разговори за проширување на европскиот фронт со сите политички партии. 

– Понудив задржување и проширување на парламентарното мнозинство заради тие политики и заради ништо друго. Понудив заработка за овој прогрес и на македонската опозиција, за национално и државно обединување на конкретен начин за побрз и посилен европски прогрес на државата, за заедничко и цврсто задржување и зајакнување на македонскиот национален јазичен и културен идентитет насекаде на начин како што успеавме да го направиме вековниот македонски јазик и историски идентитет рамноправен со сите европски нации така да продолжиме и понатаму. На тој начин го потпишавме и договорот ФРОНТЕКС за кој вие не гласавте денес, и се обрати Ковачевски на опозицијата. 

Премиерот обвини дека македонската опозиција продолжила да стои „во деценискиот филм на криминал, борба за фотелји, евтин и опасен популизам и растурање на македонското ткиво“. 

– Јас и вие го избравме патот да обединуваме, да интегрираме, да се собереме за најважните интереси на државата и граѓаните. За сето останато ќе бидеме и остануваме политички конкурентни. Да не бидеме политички непријатели, да ја имаме пред себе државната цел и да ја пишуваме заедничката историја, а за избори и политика има и време и место, рече Ковачевски.

Тој посочи дека во изминатиот период разговарале и за останување на Алтернатива и за влез на Алијансата за Албанците (АА) во Владата и оти АА ја прифатила одговорноста за поддршка на европскиот фронт.

– Место има за сите ако се сака и ако се прифатат надпартиските интереси. Место има и за Алтернатива како што тие самите знаат. Место има и за сите добронамерни поддржувачи на европската иднина на државата. Како што кажав и на почетокот, бројот и видот на позициите се второстепени, рече Ковачевски. 

Премиерот изрази жалење што Алтернатива донела одлука за излегување од Владата и и се заблагодари за досегашната соработка и уште еднаш, како што кажа, јавно и искрено ја повторува заложбата и решеноста за заедничка соработка во форма и начин која ќе значи целосна поддршка на европскиот пат.  

– За перформансите на сите нивни министри имам свое мислење како што за истото мислење имаат сите граѓани. Во сите ресори има прогрес и успеси како што има и проблеми и потреба за многу повеќе. Има и резултати, но има и грешки кои мора да се констатираат и коригираат. Но, сето тоа мора да биде направено низ објективен процес без поделба на наши и ваши, без поделба на Македонци или Албанци бидејќи и успехот и грешките имаат име и презиме, рече Ковачевски. 

Во делот на владеењето на правото и борбата против корупцијата, премиерот рече дека се согласиле да има ветинг на јавните функционери базиран на најдобрите европски искуства и нови одредби за јавна финансиска контрола.

– Посветени на Концептот држава за сите ќе продолжиме да градиме општество на еднакви граѓани определени кон рамноправен, економски и територијален развој. Ќе го намалиме развојниот јаз меѓу регионите. Развојот на државата ќе го засилиме со енергетска транзиција со што овозможуваме и заштита на животната средина, а здрави граѓани е меѓу нашите врвни приоритети и затоа посебно очекувам зголемување на ефикасноста во оваа област и унапредување на здравствените и медицинските услуги, рече премиерот. 

Според него, реконструкцијата на Владата ќе внесе нова енергија во реализација на мерките и политиките на Владата. Но, она што е навистина важно е дека со ова парламентарно мнозинство, тие ќе стават точка на сите лаги и манипулации кои ги лиферуваше опозицијата за можни предвремени избори.

– Денес зборуваме за вистински важни работи. Денес правиме промени и тоа е добро. Не треба да се плашиме од промени, рече Ковачевски.

На почетокот на своето обраќање тој изрази сочувство до сите кои ги загубија своите најблиски во земјотресите кои ги зафатија Турција и Сирија. 

Претходно дневниот ред на седницата за разрешување на членови на министрите од Алтернатива и избор на нови министри и заменици беше изгласан со 64 гласа „за“ од 115 присутни. На седницата присуствува и опозицијата, која активно се вклучи во дебатата. За првата точка за разрешување на министрите за збор се пријавени 44 пратеници.

Зачлени се на нашиот е-билтен