Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Русите земале најмалку 6.000 украински деца на политичко превоспитување

Русија држи најмалку 6.000 украински деца, а можеби и многу повеќе, на локации под руска контрола на Крим и во Русија со примарна цел „политичко превоспитување“, се наведува во денеска објавениот извештај зад кој стои САД.

Во извештајот се вели дека истражувачите од Универзитетот Јеил идентификувале најмалку 43 кампови и други видови објекти во кои се сместени украински деца кои се дел од „голема системска мрежа“ управувана од Москва од почетокот на нејзината агресија врз Украина во февруари 2022 година.

Меѓу децата се оние кои имаат родители или имаат право на старателство, оние кои Русија ги смета за сираци, деца кои биле под старателство на украинските државни институции пред инвазијата и оние чие старателство е нејасно или неизвесно поради војната, се додава во извештајот. „Примарната цел на камповите што ги идентификувавме веројатно е политичко превоспитување“, истакна на брифинг со новинарите Натаниел Рејмонд, еден од истражувачите.

Некои деца беа ставени низ системот и посвоени од руски семејства или префрлени во згрижувачки семејства во Русија, се вели во извештајот. Најмалото дете забележано во руската програма имало само четири месеци, а некои кампови обезбедувале воена обука на деца на возраст од 14 години, нагласи Рејмонд, додавајќи дека не се пронајдени докази дека децата подоцна биле ангажирани во борба.

Ројтерс не успеал веднаш да дојде до руски официјални лица за коментар. Извештајот е последен во серијата изработена од Универзитетот Јеил како дел од проектот поддржан од Стејт департментот за анализа на кршењето на човековите права и воените злосторства наводно извршени од Русија.

Рејмонд изјави дека информациите содржани во извештајот претставуваат јасно кршење на Женевската конвенција, договор кој ги штити цивилите во војна. Тој рече дека исто така може да биде доказ дека Русија извршила геноцид за време на војната во Украина, бидејќи трансферот на деца со цел промена или отстранување на националниот идентитет може да претставува елемент на кривичното дело геноцид.

Оваа мрежа се протега од едниот до другиот крај на Русија, истакна тој, додавајќи дека се верува оти бројот на објекти во кои има украински деца е многу повеќе од 43.

(Извор: ЦивилМедиа)

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново