Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Завршува скрининг процесот со ЕУ, оценет како успешен и на солидно ниво на усогласеност на нашето со европското законодавство

Вицепремиерот задолжен за европски прашања и главен преговарач на земјава со ЕУ, Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска во Брисел ќе присуствуваат на билатералниот состанок со Европската комисија по „Поглавјето 31 – Заедничка надворешна и безбедносна политика“ од Кластерот 6, со чие затворање земјава го завршува скрининг процес со Унијата.

Завршниот скрининг по Кластерот 6 започна вчера со делот по „Поглавјето 30 – Надворешни односи“, во чии рамки воведно обраќање имаше премиерот Димитар Ковачевски, кој порача дека Северна Македонија има највисок степен на трговска отвореност во регионот на Западниот Балкан и нема да бара преодни периоди, туку во целост ќе го прифати правото на ЕУ.  

– Ќе се фокусираме на тоа да ги усогласиме нашите трговски политики со Европската Унија во рамките на Светската трговска организација и ќе продолжиме да ги спроведуваме правилата на ЕУ во врска со контролата на извозот со двојна намена, извозните кредити, инвестициите и инструментите за трговска заштита во нашите национални правни и институционални рамки, истакна Ковачевски.  

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, тој посочи дека надворешната трговија на земјава е се повеќе поврзана со Европската Унија, која е наш најголем трговски партнер со 60 отсто од вкупната трговска размена во текот на изминатата година. – Освен тоа, ЕУ е најважниот инвеститор во Северна Македонија и има удел во 65 отсто од вкупниот број на странски директни инвестиции на крајот на 2022 година, потенцира премиерот Ковачевски.

Ковачевски во обраќањето се осврна и на усогласувањето на македонската законска регулатива со легислативата на ЕУ, потенцирајќи дека земјава веќе ја пренесе регулативата на шемата за меѓународната трговија со необработени дијаманти, во моментов подготвува два предлог-закони во областа на спречување на смртната казна и тортурата и контролата на извозот на стоки со двојна употреба, како и закон за меѓународна развојна соработка и хуманитарна помош во странство. 

Со затворањето на овие две поглавја официјално завршува скрининг процесот, што започна на 15 септември минатата година и во чии рамки се одржаа објаснувачки и билатерални состаноци за сите 33 поглавја од преговарачкиот пакет, кои се поделени во шест кластери. Во овој период во Брисел беа одржани 850 презентации, на кои присуствува 206 различни институции од земјава и приближно 1000 учесници.   

Оценка за успешноста и навремената реализација на скрининг процесот даде и Европската комисија во годишниот Извештај за напредокот на земјава на европскиот пат, констатирајќи солидно ниво на усогласеност на нашето со европското законодавство.  

null

По завршувањето на скрининг процесот следува изработката на патоказите, кои се наша обврска од Преговарачката рамка и се услов за отворање на првиот кластер. Станува збор за патокази за владеење на правото, за реформа на јавната администрација и за функционирањето на демократските институции, како и Акциски план за заштитата на припадниците на малцинствата и заедниците. Земјава веќе доби покана од ЕУ за изработка на патоказите за првиот кластер.  

Покрај, учеството на завршната сесија од скрининг процесот, вицепремиерот Маричиќ ќе има и работни средби со потпретседателот на Европската комисија и еврокомесар за промоција на европскиот начин на живеење Маргаритис Схинас и со генералниот директор на Директоратот за соседство и преговори за проширување (НЕАР), Герт Јан Копман.  

Шефот на дипломатијата Османи, пак, ќе учествува на „Самитот ЕУ-Западен Балкан“ во организација на бриселската тинк-тенк организација „Пријатели на Европа“, во чии рамки ќе се обрати на сесијата „Проширувањето на ЕУ: Новата геополитичка неопходност”. На маргините на форумот предвидени се и повеќе билатерални средби на Османи со негови колеги од регионот, како и со високи претставници на ЕУ.

Зачлени се на нашиот е-билтен