Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Европејците се отворени за членство на Украина во ЕУ, но не и за Западен Балкан

Мислењето е порамномерно поделено за Северна Македонија (26% за, 27% против), за Босна и Херцеговина (28% за, 29% против), за Молдавија (30% за, 28% против) и за Црна Гора (30% за и 25% против) приклучување кон ЕУ

Европејците се отворени за пристапување на Украина во ЕУ, но се скептични за приемот на државите од Западен Балкан, Грузија и Турција, покажува истражувањето спроведено во шест земји членки на ЕУ пред овонеделниот Самитот на Унијата на кој ќе се расправа за проширувањето, пренесува британски „Гардијан“.

Европејците генерално се отворени за идејата Украина да се приклучи на ЕУ, и покрај трошоците и ризиците, но во најдобар случај се млаки во врска со потенцијалното проширување на блокот со Грузија и земјите од Западен Балкан.

Европската комисија минатиот месец препорача да започнат пристапните преговори со Украина и Молдавија, а 27-те шефови на држави и влади на ЕУ треба да разговараат за тоа на самитот во Брисел оваа недела – иако унгарскиот премиер Виктор Орбан постојано кажува дека се противи на отворање преговорите со Киев.

Анкетата во шест земји-членки на ЕУ спроведена на барање на Европскиот совет за надворешни односи (ЕЦФР), покажа значителна поддршка за кандидатурите на Украина и, во помала мера, на Молдавија и Црна Гора, но и длабоки економски и безбедносни грижи.

Има широко спротивставување особено за пристапувањето на Турција, како и значително ладен одговор на изгледите Албанија, Северна Македонија, Србија, Босна и Хрцеговина, Грузија и Косово да се приклучат на Унијата.

Анкетата покажа дека поддршката за влезот на Украина е највисока во Данска (50%) и Полска (47%). Поделено мислење има во Романија (32% за, 29% против), во Германија (37% за, 39% против) и во Франција (29% за, 35% против). Најмала поддршка за Украина во ЕУ има во Австрија каде што 52 отсто од анкетираните се против.

Сепак, 45% од испитаниците се загрижени дека пристапувањето на Украина ќе има негативно влијание врз безбедноста на ЕУ, наспроти 25% кои сметаат дека тоа ќе ја подобри.

Многу Европејци не гледаат економска корист од членството на Украина. Додека 43% од испитаниците во Полска и 37% во Романија очекуваат позитивно влијание за економијата на ЕУ, 54% во Данска и 46% во Австрија предвиделе дека тоа ќе донесе зголемени економски трошоци. Полска со 43% и Данска со 35% се најоптимистични дека приемот на Украина ќе ја зголеми политичката моќ на ЕУ во светот, за разлика Австрија (42%) и Германија (32%), кои сметаат дека со тоа ќе се намали политичката сила на Унијата.

Постои јасна поделба меѓу „старите“ и „новите“ земји-членки на ЕУ во однос на проширувањето. Испитаниците во Австрија (53%), Германија (50%) и Франција (44%) кажале дека ЕУ не треба да прима нови членки. Спротивно на тоа, во Романија мнозинството (51%) и во Полска (48%), веруваат дека ЕУ треба да се прошири.

Истражувањето покажа и силно противење на можноста Турција да се приклучи на ЕУ. Над 50 отсто од анкетираните во шесте земји се противат на идејата Анкара да стане членка.

Европејците, исто така, покажуваат студен однос и кон приемот на Албанија, Северна Македонија, Србија, Босна и Хрцеговина, Грузија и Косово. Поддршката за нивно членство во ЕУ е помала од 30%.

Најмала е за Косово (20% се за, а 37% против, Албанија (24% за, 35% против), Србија (25% за, 35% против) и Грузија ( 25% за, 31% против).

Мислењето е порамномерно поделено за Северна Македонија (26% за, 27% против), за Босна и Херцеговина (28% за, 29% против), за Молдавија (30% за, 28% против) и за Црна Гора (30% за и 25% против) приклучување кон ЕУ.

Пјотр Бурас, висок политички соработник во ЕЦФР, за „Гардијан“ вели дека иако самитот оваа недела ќе се фокусира на проширувањето со Украина и други земји кандидати, дебатата како точно да се постигне тоа „едвај е започната“. Тој смета дека треба да се постави „конкретна временска рамка“ за пристапување.

-Геополитичката реторика од Брисел ја прикрива длабоката загриженост во земјите-членки за потенцијалните последици од проширувањето и широко распространетиот скептицизам за способноста на ЕУ да апсорбира нови членки, рече Бурас.

Според него, временската рамка ќе обезбеди простор за внатрешни реформи на ЕУ, ќе изгради отпорност и ќе и покаже на јавноста зошто проширувањето е од суштинско значење. Енѓељуше Морина, друг висок соработник на ЕЦФР, пак, оценува дека дека самитот можеби е „најважниот во поновата историја на ЕУ“. (МИА)

Зачлени се на нашиот е-билтен