Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Владата ја замрзна цената на лебот на 33 денари и ја укина субвенционираната струја на компаниите

Димитар Ковачевски

Владата на денешната седница ја замрзна цената на белиот леб на 33 денари. Исто така, донесена е одлука и да се укине субвенционирана цена на струјата за компаниите. Цената на лебот ќе биде замрзната до 31 мај оваа година.

Како што рече на денешната прес-конференција премиерот Ковачевски, овие одлуки се донесени бидејќи компаниите не ги намалиле цените на основните производи и покрај антикризните мерки на Владата.

„Антикризните мерки ги носевме за да обезбедиме мирна и предвидлива есен и зима за граѓаните и компаниите во време на енергетска криза. Компаниите добија цена на струја преку ЕСМ пониска од берзанската. Помина доволен период од последниот пакет мерки за цените да се усогласат. Проверките на Пазарна инспекција покажаа дека иако компаниите добиваат субвенционирана електрилна енегрија, цените не ги намалија или ги намалија незначително. Јас неоправдно покачување на цените нема да дозволам. Затоа, на денешната седница оваа мерка ја укинавме. Производителите на основните прехранбени производи ќе се снабдуваат со струја согласно Законот за енергетика и правилата за снабдување со струја“, рече Ковачевски.

Со замрзнувањето на цената, белиот и полубелиот леб сечен и на парчиња или цел од 450 грама ќе биде 33 денари, а под 450 грама до 33 денари по леб во зависност од тежината на лебот.

Одлуките утре ќе бидат објавени во Службен весник по што ќе стапат на сила.

Производителите на леб вчера се заканија дека ќе престанат со производството ако Владата ја замрзне цената. Министерот за економија Крешник Бектеши на прес-конференцијата ги повика производителите да ги прифатат ваквите одлуки и да не се закануваат дека ќе го запрат производството на леб.

Зачлени се на нашиот е-билтен