„Ова не е обична изложба, ова е изложба што ги спојува минатото и иднината“, рече на отворањето на изложбата на делата на еден од најзначајните сликари од регионот Петар Лубарда во Музејот на современа уметност во Скопје, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, која заедно со нејзината колешка, црногорската министерка за култура и медиуми, Маша Влаовиќ свечено ја отворија изложбата на дела од еден од најголемите уметници на 20 век, Петар Лубарда.
Изложбата, којашто вчера го постави Скопје и МСУ во центарот на културните настани во регионот, привлече огромен број посетители
Големиот број гости од јавниот и од политичкиот живот во земјава се „сретнаа“ со дела што се предодредени на вечност, еден уметнички и авторски тестамент во кој е втисната и меморијата на постземјотресно Скопје и на Музејот на современата уметност, како синоними на светската солидарност.
Црногорската министерка, Маша Влаовиќ, изрази задоволство што изложбата е дел од програмата за одбележување 60 години од разорниот земјотрес што го погоди Скопје и по тој повод, познатиот сликар Петар Лубарда донираше значителен број од своите дела како знак на солидарност и поддршка.
„Овој гест беше значаен и од аспект на формирањето на Музејот на современата уметност во Скопје, а може да се каже дека беше и иницијатива за создавање на оваа престижна институција, што особено нѐ радува. Врските меѓу нашите народи во поранешната држава беа силни и продуктивни, а сигурна сум дека тоа е случај и денес, за што сведочи и вечерашната изложба “, рече Влаовиќ.
За изложбата говореа и амбасадорката на Црна Гора во Северна Македонија, Марија Петровиќ, и еден од кураторите, Владимир Јанчевски.
Изложбата на дела од Петар Лубарда, која ќе биде отворена до 31 март, е резултат на соработката меѓу министерствата за култура на Црна Гора и на Република Северна Македонија, Амбасадата на Црна Гора и Музејот на современата уметност – Скопје, под покровителство на претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски.
Фотографии: Ангел Ангеловски