Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Македонија е запишана на листата „Праведници меѓу народите“ во меморијалниот центар во „Јад Вашем“ Израел

„Праведници меѓу народите“ е термин што го користи државата Израел за да ги опише не-Евреите кои ги ризикувале своите животи за да спасат Евреи во холокаустот. Република Северна Македонија е една од земјите кои се запишани на списокот на праведници. Вкупно 10 имиња имаат свое место на Почесниот ѕид на праведниците во меморијалниот центар во Израел „Јад Вашем“.

Жаклина Мучева, раководител на Секторот за истражување, документирање и архивирање во Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, потсетува на помошта која македонските граѓани им ја дале на своите пријатели Евреи непосредно пред депортацијата на Евреите во Македонија на 11 март 1943 година во логорите на смртта.

Тие семејства и поединци се: Стојан-Богоја Силјановски кои ги спасиле: Адела Фараџи, Естреја Овадија, Роза Камхи, Жамила Колономос и Естреја Леви од Битола. Доктор Тодор и Пандора Хаџи-Митков и Трајко и Драгица Рибареви го спасиле семејството Франсис од Скопје. Доктор Смилјан Фрањо Чекада ги спасил Шаул Л. Гатењо, Алберто Мусафи и Ерика Вајнгрубер. Борис и Васка Алтипармакови ги спасија Соломон Садикарио – Мо и неговиот брат Самуел Садикарио, Алберт Русо и Алберт Касорла. Александар и Блага Тодорови ја спасија Бенвенита Бехар (Бети) Тити.

Мучева наведува неколку приказни од земјава за деца кои биле згрижени од нееврејски семејства.

Бенвенита Бехар – Тити

Бенвенита Бехар - Бети (Тити)

Родена е во 1939 година, од родителите Арон и Ривка Бехар. Нивните соседи Александар и Блага Тодорови стапиле во брак во 1941 година и немале деца, така што малата Бенвенита често престојувала во нивниот домот. Таа преспала кај Тодорови кобната ноќ на 11 март, кога од куќите насилно ги ваделе и собирале скопските Евреи и ги одвеле во Монополот. Малата Тити била спасена и го преживеала трагичниот крај на своите родители. Блага им велела на љубопитните дека девојчето си го посвоиле бидејќи немале деца. По војната се родил синот на Блага и Цане, а Тити го засакала како да ѝ бил роден брат. Бенвенита за Тодорови секогаш велела родители-спасители.

Исак Адиџес

Исак Адиџес

Роден е во 1937 година, во Скопје. Заедно со сите Евреи, тој и неговото семејство биле однесени во скопскиот Монопол, од каде биле ослободени бидејќи таткото на Исак имал шпански пасош. Успеале да пребегаат во Албанија каде ги криеле муслимани до крајот на војната.

Мати Гринберг

Мати Гринберг

Роден е на 4 март, една недела пред кобниот мартовски ден кога Евреите во Македонија биле собирани во Монопол. Тој е единственото бебе што го преживеало холокаустот на Евреите во Скопје. Неговото семејство било спасено од христијанско семејство со кое татко му на Мати имал деловна соработка. Биле криени на таванот во една воденица во околината на Скопје.

Благоја Младеновски

Нета со синовите 1949 - 50

Роден е во 1941 година. Се спасил од смртта, бидејќи заедно со неговата мајка, Нета Коен, биле сокриени во куќата на родителите на неговиот татко, кој бил православен Македонец, и со кој неговата мајка се венчала подоцна, во 1946 година. Оваа приказна многумина ја знаат од филмот „Трето полувреме“.

Текстот е првично објавен на Литература.мк

Зачлени се на нашиот е-билтен