Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Иџет Мемети беше нем сведок на „црниот понеделник“ од 24 декември 2012

Најскандалозниот дел од кариерата на Иџет Мемети беше кога гледаше во парламентот како на клоци ги исфрлаат пратениците од опозицијата, а тој чекаше ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ да му изгласаат уште еден осумгодишен мандат како народен правобранител

Секој коруптивен „спектакл“ треба да се искористи во своја полза.

ВМРО-ДПМНЕ по десетдневна хибернација по изборите денеска преку пратеникот Миле Лефков рече дека „апсењето на врховниот судија Наќе Георгиев за земање на мито од 10 илјади евра е само уште една потврда дека Македонија со власта на СДС и ДУИ ниту била правна држава, а уште помалку европска“, повторувајќи ги деталите од кариерата на Георгиев што јавноста веќе ги знае.

Но Лефков пропушти да каже дека истрагата за коруптивните активности ги води Обвинителството за организиран криминал и корупција и дека при изборот на неговиот прв човек, Ислам Абази, ВМРО-ДПМНЕ обвинуваше дека бил избран како послушник. Без оглед што него го избраа самите обвинители. И дека судот бил тој што издал наредба да биде прислушуван телефонот на Георгиев за да може да се следат неговите коруптивни активности.

Лефков вели дека во „срамната слика за македонското правосудство“ се вклопува и членот на Советот за јавни обвинители, Иџет Мемети, кој важел за „исклучително близок до ДУИ“ и за кого се води исто така истрага во овој коруптивен случај со високи актери.

Но за минатото треба да се одвојат само некои детали. Па, така, ВМРО-ДПМНЕ нема да спомене дека Иџет Мемети беше министер за правда во првата вмровска влада на Љупчо Георгиевски, па потоа на истата функција беше и во една од последователните влади на СДСМ, а кусо време, неколку месеци, беше и уставен судија.

Најскандалозниот дел од кариерата на Иџет Мемети беше во 2012 година, на 24 декември. Тогаш мнозинството на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ требаше да го изгласа за втор мандат од осум години како народен правобранител. Тој чекаше во салата додека по наредба на вмровските министри и тогашниот претседател на Собранието, полицијата на клоци ги исфрлаше пратениците на СДСМ и другите од опозицијата. Тој црн понеделник остана во колективната меморија.

Иџет Мемети тогаш немо гледаше на драматичното кршење на правата на пратениците, за потоа вмровското мнозинство да му обезбеди нов мандат.

Миле Лефков можеби го заборавил ова, можеби го знае и премолчува, но ако се залага за правна држава треба да одговори како тогаш никој не одговараше за „црниот понеделник“ и како пратениците на ВМРО-ДПМНЕ го препознаа како извонреден кадар Иџет Мемети за уште еден осумгодишен мандат како Народен правобранител. (Н.В.)

Треба да знаете
Moже да ве интересира