Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Ризаов: Актуелизацијата и доведување во прашање на Преспанскиот договор е лудост

Новинарот и публицист Ерол Ризаов, коментираќи го однесувањето на новата претседателка Гордана Силјановска Давкова, која за време на свечената изјава во Собранието не го користеше уставното име на државата, по што следеа реакции од Грција и ЕУ, во изјава за „Фронтлајн“ вели дека претседателката уште е под инерција на предизборната кампања, па „цврсто“ стои и продолжува како на своите настапи без да го употреби името Северна Македонија, а ќе го почитува уставот.

– Не знам колку ќе трае таа идила со премиерот и владата но мислам според глорификацијата на Мицкоски до месијанство и избавител на Македонија од страна на Силјановска дека претседателката многу бргу ќе се соочи со опомените кои ќе стасаат од Владата и премиерот да се држи до своите уставни овластувања. Се разбира доколку има вистина во промената на ставот во врска со евроатланските интеграции на Македонија кој наеднаш по изборите станаа главен приоритет на идниот премиер и ВМРО ДПМНЕ. Зборуваат за некаква козметика од подобри решенија ама тоа е само подготовка да се донесат уставните измени и да продолжат преговорите со ЕУ. Мора да има малку шминка оти ќе биде многу разочарувачки за граѓаните да се донесат истите одлуки поради кои беше блокирано продолжувањето на преговорите со ЕУ. Мислам дека тоа ќе се случи. Ќе се донесат уставните измени и Бугарите ќе влезат во Уставот без некои промени на тоа што веќе е прифатено, изјави Ризаов.

Тоа, додава, нашиот соговорник, е најоптимистичката и најдобрата варијанта кога уште може вината да се префрла на претходната влада. Лошата и многу опасна и крајно штетна варијанта би била – и натаму да продолжат со лажниот патриотизам и да се јуначат со поставување услови кои минуваат кај нас како некое херојство кое во суштина значи кукавичлук и вистинско предавство на националните и државните интереси.

– Актуелизацијата и доведување во прашање на Преспанскиот договор кој е ратификуван во Собранието на Македонија е лудост. Иако има сериозни предзнаци на такви симптоми сепак мислам дека брзо ќе стаса спасоносна висока доза на терапија која нема да го доведе во прашање членството во НАТО, па и во ЕУ. Проблемот на Мицкоски ќе биде како тоа да го прикаже како голем успех. Е па веќе навести дека вестите мора да почнуваат со успеси. Ајде да го видиме и тоа чудо како блокадите на членството во ЕУ стануваат успеси, подвлече Ризаов.

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново