Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Узунов: Законот за нефер трговски практики треба да ги спречи манипулациите со цените

Министерството за економија подготви список со над 2.500 производи што кога ќе стапи во сила Законот за забрана на нефер трговски практики ќе бидат со маржа до 10 отсто, а доколку се согласат трговците, таа може да биде и пониска.

Законот за нефер трговски практики на 13 март треба да го помине последниот Собраниски филтер. Новата регулатива се очекува да ги спречи манипулациите со цените во синџирот на снабдување и препродавање на производите. Власта смета дека со неговото донесување треба да се постигнат позитивни ефекти во деловното работење кај сите оператори (купувачи и доставувачи) што се активни во синџирот на снабдување со земјоделство и храна во различни фази на производството, преработката, маркетингот, дистрибуцијата и малопродажбата на земјоделски и прехранбени производи и соодветна примена на забраните на нефер трговски практики во синџирот на снабдување со земјоделски и прехранбени производи.

Но дали ова законско решение ќе ги намали цените на производите кои по завршување на мерката “замрзнати цени“во дел од маркетите почнаа да растат!? Според Професор Ванчо Узунов дали и колку ќе се намалат цените по носење на Законот за нефер трговски практики, никој не може точно и прецизно да каже, затоа што немаме никакви ни проближно објективни параметри за да видиме колкаво би било тоа намалување. Но, вели суштинска е потребата од носење на овој закон и тоа поради две причини:

  • „Првата причина е тоа што очигледно е тоа што кај нас особено сега оваа правна инфлација уште повеќе ќе продолжи и понатаму. А и пред замрзнувањето на цените оние што ги имавме некакви покачувања се должат на специфичната состојба на нашиот пазар. Нашиот пазар е мал и плиток. Значи имаме луѓе кои имаат слаба платежна моќ, меѓутоа имаме моќни понудувачи и малкумина кои меѓу себе имаат многу лесно отворен простор да се договараат за злоупотреба на нивната позиција. Толку колку што можат а очигледно можат. Тие тоа го користат и тоа баш е не фер и не е добро. Суштината е за да се спречи инфлацијата понатаму. Не се потребни веќе мерки на монетарната политика рестриктивни, туку сега се потребни овие мерки. Како на пазарот да се направи дисциплина, да пазарот почне да функционира подобро, по перфектно. Никогаш нема да стане перфектен, но колку може да се приближи тоа е толку потребно. И за тоа се потребни одредени решенија, тоа е основната причина“, вели Узунов.

    Како втора причина за потребата од носење на Законот за нефер трговски практики, Узунов ја наведува слабоста на институциите кои фунционираат во овој дел а се опфатени со други законски решенија. Смета дека оваа регилатива ќе ја пополни таа празнина и ќе се делува поефикасно и побрзо.
  • „Втората причина е што со постојните законски решенија кои ги имаме, затоа што има и други закони и институции кои треба да ги спроведуваат, се очигледно неефикасни. Така што јас се надевам дека овој закон ќе ја пополни оваа празнина за да може многу побрзо да се реагира. И фактички оние кои сакаат да ги покачат цените затоа што им се може а не затоа што треба, затоа што е тоа оправдано, после овој закон ако по него почнат да се спороведуваат санкции и оние ќе бидат дисциплинирани или барем пософистицирани во тоа како ќе ја користат својата доминантна пазарна позиција. Но, тоа е тоа што може да се постигне. Тоа е пазар, жива материја, сложена и целата оваа полоитика на регулирање на пазарот е многу суптилна. Таа е скоро уметност. Ние до сега ја водиме и никој ништо не прави. И ако нешто превзема тоа го прави брутално со замрзнување цени. И едното и другото не е добро . Тоа се екстреми. Точно се потребни суптилни решенија, капацитетни институции да ги спроведуваат, не било кои со непотизам и итн. и со тек на време ситуацијата би требало, јас се надевам искрено дека ќе се подобри. Нема да може така фино да се употребува или злоупотребува пазарната позиција во несовршено пазарно опкружување, додава Узунов.

Законот ќе се применува на продажба на земјоделски и прехранбени производи каде што добавувачот и купувачот се должни да склучат договори за снабдување

Од предлагачот на Законот за нефер трговски практики велат дека не може повеќе да се влијае на наметнување на услови и надоместоци кои се неоправдани во деловните односи, а со тоа директно да влијае на цената на производот. Според законот, во договорите треба јасно да се наведат условите и квалитетот предвидени во 7 точки (1. цената на земјоделскиот и/или прехранбениот производ и начинот на определување или пресметување на цената; 2. квалитетот и видот на земјоделскиот и прехранбениот производ што се доставува до купувачот; 3. условите и роковите за испорака на земјоделските и прехранбените производите кои се предмет на договорот; 4. условите и роковите за плаќање на испорачаните земјоделски и прехранбени производи; 5. местото на испорака на земјоделските и прехранбените производи; 6. времетраењето на договорот и 7. престанување и раскинување на договорот) и се забрануваат надоместоци кои денес достигнуваат до 30%-40% од цената.

Законот предвидува самите производители да ги пријавуваат трговците доколку се случат нерегуларности. Но, колку е тоа логично имајќи предвид дека тие зависат од нив!? Односно, се ставаат во ризик, доколку пријават, во иднина нивните производи да не бидат нарачувани. Од Министерството за економија велат дека ќе профунционира овој механизам.

  • „Со оглед дека во законот се предвидува забрана на преговарачка моќ и висината на надоместоците и рабатот што ќе го одобри добавувачот кон купувачот да не надминува 10%, се клучните постулати за фер договорен однос. Трговците немаат право да барат повеќе од производителите и од тој аспект не постои ризик дека производите на добавувачите нема да се накачуваат. Продизводителите односно добавувачите ќе пријават во Комисијата за заштита на конкуренцијата само доколку трговците не се придржуваат кон условите во законот и тоа оди на штета на трговците“, велат од Министерството за економија.

Продукти што ќе бидат со маржа до 10 отсто

Министерството за економија подготви список со над 2.500 производи што кога ќе стапи во сила Законот за забрана на нефер трговски практики ќе бидат со маржа до 10 отсто, а доколку се согласат трговците, таа може да биде и пониска.

На листата се најдоа видови млеко и павлака, јогурт, видови сирење, мед, компир, домат, кромид, лук, краставици, видови грав и грашок, блитва, ананас, боранија, леќа, авокадо, видови портокали, мандарини, лимон, грозје, лубеници, вишни, видови кафе, житни производи, видови колбаси, дел од конзервираната храна, шеќерoт, слатки, колачи, какао и производи од какао, џемови, путер од кикиритки.

Ова се само дел од производите што нема да може да имаат маржа повисока од 10 проценти. Може да се забележи дека на списокот се најдоа и производи што се сметаат за луксуз.

Министерството за економија ќе ја прати оваа листа до стопанските комори и до Организацијата на потрошувачите. Ќе се трансформира во правилник кога законот ќе стапи во сила и ќе биде објавен во „Службен весник“. Целта е да се стави крај на манипулациите со цените, соопштија од Министерството.

Треба да знаете
Moже да ве интересира