Стара вест – нова дезинформациja. Ова е чест начин што го употребуваат некои Фејсбук страници за да ја зголемат читаноста и кликовите, дезинформирајќи на публиката.
Таков е случајот со веста за три силни експлозии на северот на Косово, која на 16 март 2024 ја објавија Фејсбук страниците на албански јазик „Актуелитете“, „Албанска традиција“ и „Живот и здравје“. Во објавите пишува: „НАЈНОВА ВЕСТ: Три силни експлозии на север – Целосна вест во коментар“.
Но, веста споделена во коментарите на овие постови е стара вест, објавена на 19 ноември 2023 година од веб-страницата topnews226.com.
Како што укажаа проверувачите на факти од „Kallxo.com“, истата објава е споделена и на 20 февруари 2024 од неколку Фејсбук страници. Но, како што информираа тие, во февруари и март 2024 немало експлозии на северот на Косово. „Заменик-директорот на полицијата за регионот на Северна Митровица, Ветон Елшани…изјави дека на датумите кога е објавена веста (20.02.2024 и 16.03.2024) не се случиле експлозии на север“, пишува Kallxo.com.
Дека се работи за вест стара 4 месеци, потврдува и пребарувањето на агрегаторот на вести на албански јазик „fax.al”.
И овој случај покажува дека публиката треба да биде многу внимателна со сензационалистичките вести што се споделуваат на социјалните мрежи, кои во обид да ја зголемат читаноста можат да создадат вознемиреност и паника во јавноста.
(СМК)