Пронаоѓањето пристапно и пристојно место за живеење станува сè потешка задача низ Европа. Трошоците за домување денес одземаат околу една петтина од приходите на просечното домаќинство во Европската унија, додека во некои земји тој удел е значително повисок – во Грција достигнува дури 35 отсто, покажуваат податоците на Eurostat.
Растот на кириите претставува огромен товар за граѓаните. Во текот на 2025 година, кириите во ЕУ во просек пораснале за 3,1 отсто, но во одредени држави инфлацијата на закупнините достигнала и двоцифрени бројки.
„Клучната динамика е многу едноставна: побарувачката расте побрзо од понудата“, изјави за Euronews Business Кејт Еверет-Ален, раководителка на одделот за европски истражувања на домување во агенцијата Knight Frank.
„Притисокот врз достапноста на пазарот на недвижности – особено поради тоа што каматните стапки за станбени кредити и натаму се релативно високи – ги принуди многу домаќинства да се свртат кон изнајмување станови, особено оние кои купуваат прва недвижност.“
Во рамки на ЕУ, просечната стапка на раст на кириите се движела од 1 отсто во Финска до загрижувачки 17,6 отсто во Хрватска. Покрај Хрватска, висока инфлација на кириите е забележана и во Грција (10 отсто), Унгарија (9,8 отсто), Бугарија (9,6 отсто) и Романија (8,2 отсто).
Еверет-Ален посочува дека и самата понуда е под силен притисок. Даночните и регулаторните промени го намалиле интересот на сопствениците за издавање во некои пазари, додека барањата за енергетска ефикасност и трошоците за реновирање дополнително го отежнуваат одржувањето на становите за издавање. Ограничувањата за краткорочно издавање (како што е Airbnb) помагаат само минимално и не се доволни за значително зголемување на понудата.
Трите најголеми економии под просекот на ЕУ
Покрај Финска (1 отсто), годишниот раст на кириите останал под просекот на ЕУ и во Луксембург (1,6 отсто), Малта (1,7 отсто), Словенија (1,9 отсто), Германија (2,1 отсто), Данска (2,2 отсто), Франција (2,3 отсто) и Шпанија (2,4 отсто). Од четирите најголеми економии во ЕУ, само Италија (3,8 отсто) забележала раст над европскиот просек, но за помалку од еден процентен поен.
Од друга страна, земји како Чешка (6,1 отсто), Летонија (5,7 отсто), Литванија (5,6 отсто), Португалија (5,3 отсто), Шведска (5,3 отсто), Холандија (5,1 отсто) и Словачка (5,1 отсто бележат раст над 5 отсто.
Растечки трошоци за сопствениците
„Зголемувањето на кириите во 2025 година е поттикнато од силната побарувачка, бидејќи високите цени на недвижностите турнаа многу луѓе кон пазарот на изнајмување“, објаснува Мик Калмет од организацијата Global Property Guide. Според него, растечките трошоци за сопствениците, особено за оние кои се задолжени, постепено се префрлаат на станарите, што дополнително ги зголемува цените.
Пазарите со помалку регулативи и ограничена понуда бележат најголеми скокови, додека земјите со контрола на кириите или веќе многу високи основни цени имаат поспор раст.
Турција – драстичен исклучок
Кога се земаат предвид земјите кандидати за ЕУ и членките на ЕФТА, Турција се издвојува како апсолутен рекордер меѓу 36 анализирани држави, со неверојатна годишна инфлација на кириите од 77,6 отсто. За споредба, на второ место е Црна Гора со раст од 18,5 отсто.
„Инфлацијата во Турција е исклучително висока, што значи дека таа има голем удел во овој номинален раст на цените на кириите“, наведува Еверет-Ален, додавајќи дека купувањето стан во таа земја станало речиси невозможна мисија.
Иако турската влада во јули 2022 година го ограничи растот на кириите на 25 отсто (мерка што важеше до јули 2024), тоа имаше контраефект. Сопствениците се обидоа да ги надоместат загубите од старите договори со драстично зголемување на цените за новите станари, што ги вивна просечните пазарни цени. Во меѓувреме, нето минималната плата во Турција пораснала за 27 отсто во 2026 во однос на 2025 година, а ја примаат речиси 40 отсто од работниците.
Регионално гледано, Источна Европа и Балканот бележат значително повисок раст на кириите од другите региони, со исклучок на Северна Македонија (3,3 отсто). Силниот раст во земји како Хрватска и Црна Гора се објаснува со нивната сè поголема атрактивност како дестинации за долгорочно и краткорочно изнајмување, што ги прави сериозна конкуренција на традиционалните пазари како Шпанија и југот на Франција.