Најмногу поскапеле зеленчукот, маслото и јајцата

Министерството за економија и труд, во соработка со Државниот пазарен инспекторат, објави нова анализа за движењето на цените на основните производи, изработена согласно заклучокот од 162-та владина седница.

Анализата ги опфаќа цените на 55 најпродавани прехранбени и непрехранбени производи, следени во четири различни трговски синџири, во периодот од 1 февруари до 1 април 2026 година.

Податоците покажуваат дека цените бележат благ пораст. Продажните цени се зголемиле за 0,43 проценти, додека набавните пораснале за нешто повисоки 1,01 процент. Истовремено, просечната бруто-профитна маржа кај трговците е намалена од 16,28 на 15,80 проценти, што укажува дека дел од товарот од поскапувањата е преземен од трговците со цел да се зачува ценовната стабилност.

Најголеми промени се забележани кај одредени категории производи. Кај основните прехранбени производи има благ раст од 0,45 проценти, при што најмногу поскапеле киселото млеко, сирењето, јајцата и маслото. Од друга страна, безалкохолните пијалоци поевтиниле за 1,01 процент.

Кај овошјето и зеленчукот е регистрирано намалување од 0,86 проценти, иако одредени производи како доматите и кромидот бележат пораст. Кај хигиенските производи, пак, има зголемување на цените од 1,42 проценти.

Од Министерството оценуваат дека движењата на цените се умерени и под контрола, а намалувањето на трговските маржи има значајна улога во задржување на стабилноста.

Оттаму најавуваат дека и во наредниот период внимателно ќе ги следат состојбите на пазарот и, доколку има потреба, ќе предложат дополнителни мерки за заштита на стандардот на граѓаните.

Зачлени се на нашиот е-билтен