Во Скопје од 10 до 12 септември ќе се одржи „Школата за иднини на грижа во Скопје 2026“, прва фаза од повеќегодишниот уметничко-кураторски проект „СЕМИЊА НА СОЛИДАРНОСТА – Уметнички практики и екофеминистички сојузи за грижлива иднина“.
Проектот ја истражува грижата како феминистичка, еколошка и уметничка практика, а во него учествуваат уметници, куратори, истражувачи, културни иницијативи и заедници од Јужна и Источна Европа, во соработка со партнери од Австрија.
Програмата започнува во четврток, 10 септември, со јавно отворање од 19 до 22 часот во КСП „Центар-Јадро“. По поздравните обраќања на Христина Иваноска, Маргарете Маковец и Јане Чаловски, ќе биде отворена групната изложба „Мислејќи со материјата: четири лекции од водата и земјата“, со вовед на кураторката Јованка Попова.
На изложбата ќе бидат претставени дела на Валбона Фејза, Христина Крстеска, Викторија Попоска и Ивана Самандова.
Во рамките на Школата, на 11 и 12 септември програмата ќе се одвива на четири различни локации во Скопје – Водно, заедничката градина „Бостание“, реката Вардар и паркот „Вера Јоциќ“/Градски парк.
Преку перформативни прошетки, посети на локации и модерирани сесии, учесниците ќе ги истражуваат еколошките и општествените реалности на градот. Програмата ја предводат Христина Иваноска, Маргарете Маковец, Зорица Зафировска, Ајете Ќерќели, Калиа Димитрова, Елке Красни, Кумјана Новакова, Јана Коцевска и Вида Кнежевиќ.
Организаторите посочуваат дека Школата е втемелена во конкретните услови на Скопје – од загадувањето на воздухот и индустриската инфраструктура, до заедничките градини, реките, парковите и граѓанските иницијативи за еколошка правда.
Во фокусот е разбирањето на грижата не само како лична или приватна обврска, туку како практика на внимание, заемност, солидарност и споделена одговорност кон заедницата и животната средина.
Институција домаќин и програмски концепт на проектот е Press to Exit Project Space од Скопје, додека носител на проектот е < rotor > Centre for Contemporary Art од Грац.
„СЕМИЊА НА СОЛИДАРНОСТА“ е интердисциплинарен уметничко-кураторски проект инициран од Сојузното министерство за европски и меѓународни прашања на Австрија и Одделот за култура на покраината Штаерска, со придонес од мрежата St.A.i.R. (Styria Artists-in-Residence).

