Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

И експерти од Венецијанската комисија да дојдат на подготвителната седница на Уставниот суд за Законот за јазици

Не стивнуваат реакциите по одлуката на Уставниот суд да одржи подготвителна расправа за Законот за употреба на јазиците. Претседателот на Судот, Дарко Костадиновски, изјави дека целта е да се зголеми довербата на граѓаните и да се покаже непристрасноста на судот. Седницата е најавена за март, откако ќе се добие пријателски совет од Венецијанската комисија и ќе се усогласат термините со експертите.

-Откако ќе го направиме тоа, бидејќи сум во контакт со Венецијанската комисија би сакал и нивни експерти да дојдат на подготвителната седница. Откако ќе ги утврдиме можните термини, секако ќе бидат некаде во март, да го почекаме и Венецијанскиот совет што би бил усвоен на почетокот на март, штом го добијам пријателскиот совет и кога би можеле да дојдат експертите, јас веднаш ќе ја свикам седницата, рече Костадиновски.

Тој е дециден дека тие како уставни судии немаат избор и мораат да одговорат на иницијативите.

Костадиновски нагласи дека ваквите расправи се од клучно значење за судир на правните аргументи и за разјаснување на спорни прашања поврзани со меѓународните и европските стандарди. Пријателскиот совет од Комисијата се очекува да биде донесен во мартовската сесија.

Претседателот на Уставниот суд предупреди за политички притисоци и закани кон судиите, повикувајќи ги политичарите да се воздржат од влијание врз правосудството. Според него, политизацијата на институциите е главен фактор за недовербата на граѓаните. Тој остро ги отфрли обвинувањата дека одлуките на судот имаат политичка или етничка заднина.

Костадиновски реагираше на изјавите на ДУИ и на премиерот Христијан Мицкоски, оценувајќи ги како обиди за политичка манипулација. Тој ги отфрли барањата за негова оставка и го осуди „играњето со чувствата на граѓаните“ како опасно за општеството.

Судот останува посветен на носење одлуки што се правно втемелени, со цел заштита на интегритетот и независноста на институцијата.

Зачлени се на нашиот е-билтен