Не дека на граѓаните им треба повисока плата – Власта тврди дека ССМ и СДСМ намерно ја туркаат оваа идеја

Зголемувањето на минималната плата ќе зависи од договорот меѓу работниците и работодавачите, порача министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска. Таа повтори дека Владата нема да субвенционира дел од придонесите за минималец од 500 евра и дека во буџетот не се предвидени средства за таа цел. Според неа, Владата ќе ја почитува секоја одлука што ќе произлезе од социјалниот дијалог.

„Јасно кажав дека работодавачите и работниците треба да договорат што можат да испорачаат и исплатат. Што и да договори социјалниот дијалог, ние ќе го почитуваме како Министерство за финансии“, изјави Димитриеска-Кочоска.

Опозициската СДСМ ја критикува Владата, тврдејќи дека економијата тоне, стандардот на граѓаните се влошува, а платите стагнираат. Тие бараат државата да обезбеди средства за покачување на минималецот на 500 евра, а во спротивно најавуваат законска иницијатива.

„Немањето пари за поголеми плати покажува отсуство од реалноста. Стандардот ќе продолжи да паѓа, а граѓаните сè потешко ќе ги покриваат основните трошоци“, изјави пратеничката од СДСМ, Сања Лукаревска.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, обвинуваат дека СДСМ и Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) намерно го кочат развојот на државата.

„Барањето за субвенционирани придонеси е тактика на СДСМ, реализирана преку ССМ. Крајната цел е застој на државата“, изјави пратеникот Бране Петрушевски.

Сè уште нема официјален датум за наредната седница на Социо-економскиот совет, но Владата најави формирање комисија за репрезентативност на синдикатите. Договор за минималната плата треба да биде постигнат до крајот на месецот.

Зачлени се на нашиот е-билтен