Започна хакатонот „Кликни безбедно“ во просториите на ФИНКИ – се натпреваруваат средни училишта ширум земјава

Во просториите на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) денеска започна хакатонот „Кликни безбедно“ на којшто се натпреваруваат средни училишта ширум земјава. Како што информираше министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, на хакатонот се собрани најдобрите идеи кои младите треба да ги развијат во два дена, а се во насока на решавање на проблем во сајбер светот и побезбедно користење на интернетот.

– Овој настан претставува хакатон на којшто се натпреваруваат средни училишта од цела Македонија, практично тоа се најдобрите идеи собрани на едно место кои што два дена ќе се посветат на развој на нивната идеја, која значи решавање на проблем на младите во поглед на сајбер светот. Што значи дека ќе решаваат проблеми со кои младите се соочуват во просторот, а се однесуваат на побезбедно користење на интернетот. Одлични тимови има од цела држава и очекувам да има добри продукти на крај, добра презентација и да победи најдобриот, изјави Андоновски.

Посочи дека ова е еден од првите проекти кои што Министерството за дигитална трансформација ги работи во поглед на развој на „govtech“ секторот. Идејата е, додаде, да се креира еден еко-систем со којшто проблемите во општеството ќе се решаваат во дигиталниот свет, но, како што рече, идеите ќе произлегуваат од општеството.

– Ова е, можам да кажам еден од првите проекти кои што го работиме во поглед на развој на „govtech“ секторот што значи државата ќе ги решава своите проблеми во соработка со заедницата, што значи дека идеите нема да доаѓаат само од невладините институции, туку ќе доаѓаат и од училишта, невладини организации, стартапи и тн. Сакаме да креираме еден еко-систем со којшто проблемите во општеството ќе се решаваат во дигиталниот свет, но идеите ќе произлегуваат од општеството, рече Андоновски.

Зачлени се на нашиот е-билтен