Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Дванаесет години од првиот број на „Илинден“, весник на Македонците во Албанија

 Весникот „Илинден“, единствен печатен медиум на македонски јазик во Албанија, денеска одбележува дванаесет години од објавувањето на првиот број.

– Пред точно дванаесет години, на први март 2011 година како двоброј (март/април) беше испечатен првиот број на весникот, како гласило на македонското друштво „Илинден“- Тирана. Во овој изминат период, весникот побуди голем интерес кај македонската читателска публика во Република Албанија, во татковината Македонија како и меѓу македонската дијаспора во светот, изјави за МИА, Никола Ѓурѓај, главен и одговорен уредник.

Весникот, оценува тој, прераснал во медиум кој со сериозноста и со пристапот во објавувањето на темите, е интересен и корисен за македонското национално малцинство во Албанија и од име на редакцијата искажува посебна благодарност до читателската публика и соработниците.

– Нашата мисија е да го одржуваме и да го поттикнуваме македонскиот идентитет во Република Албанија, што преку културниот израз целосно се остварува. Им се заблагодаруваме и на сите соработници, кои несебично помогнаа во конципирање на тематската и на визуелната содржина на весникот. И понатаму остануваме со вербата дека нашите активности ќе бидат соодветно поддржани од државните институции на Република Албанија и на Република Македонија, како и од Македонците ширум светот, рече Ѓурѓај.

Според него, до денес испечатени се 57 изданија и со написите се дал голем придонес во евидентирањето и надминувањето на голем број прашања од интерес на Македонците во Република Албанија, и најавува дека континуирано ќе работи на заштита и афирмација на македонскиот етнички, јазичен и културен идентитет и националните традиции на Македонците во Република Албанија.

Од мај 2017 година весникот е и со електронско издание www.vesnik-ilinden.coм. На тој начин весникот стана достапен за целокупната јавност за сите Македонци во Република Албанија, регионот и цел свет.

Во септември истата година, е стандардизиран според меѓународните норми за печатени и електронски периодични списанија со ISSN 2522-6282 (online) и ISSN 2522-4514 (print) и дел од двата најголеми читачи на вести и клиентска датотека во Македонија: grid.mk и daily.mk

Од август 2022 година македонски весник „Илинден“ е член на платформата Алијанса за етички медиуми (АЕМ) каде членуваат 29 печатени и аудиовизуелни медиуми во Република Албанија.

Треба да знаете
Moже да ве интересира