Цените на нафтата скокнаа по нападите меѓу САД и Иран

Цените на нафтата скокнаа над 90 долари на меѓународните пазари денес откако САД и Иран разменија напади за прв пат од крајот на јули , што предизвика загриженост за снабдувањето со нафта на Блискиот Исток.

На лондонскиот пазар, барелот се тргуваше по цена од 90,48 долари попладне, што е за 2,38 долари повисоко отколку на затворањето на тргувањето минатата недела. На американскиот пазар, цената на барелот се зголеми за 2,25 долари, на 85,65 долари.

Американските сили во неделата погодија два ракетни лансери на иранскиот остров Ларак во Ормутскиот теснец, што е првиот познат американски напад врз земјата од крајот на јули. Иран возврати со напад врз две американски воздухопловни бази во Јордан, објавија иранските медиуми во понеделник, повикувајќи се на Иранската револуционерна гарда.

„Обновените воени напади на Блискиот Исток и загриженоста за понатамошни прекини во снабдувањето со нафта ги зголемија цените на нафтата“, рече аналитичарот на UBS, Џовани Стауново, додавајќи дека пазарите ќе се фокусираат на тоа дали ситуацијата ќе се смири или не.

Американскиот претседател Доналд Трамп во неделата напиша на Твитер дека енергетскиот центар на Иран, островот Харг, бил „разнесен на парчиња“, но нема докази дека островот бил нападнат. Твитот, кој вклучуваше видео генерирано со вештачка интелигенција, не даде дополнителни детали. Иран негираше каков било напад врз островот и рече дека нафтените операции продолжуваат непречено.

Само пет танкери дневно минуваат низ Ормускиот теснец

Напорите за постигнување договор за ставање крај на конфликтот остануваат во застој, бидејќи медијаторите се обидуваат повторно да го отворат клучниот Ормутски теснец, низ кој минуваше една петтина од светските резерви на нафта пред почетокот на војната кон крајот на февруари.

Денешната силна реакција на пазарот делумно го одразува слабиот обем на тргување поради државниот празник во Обединетото Кралство, изјави аналитичарот на „Саксо банка“, Оле Хансен.

Најновите податоци за поморскиот сообраќај покажаа дека бројот на бродови што минуваат низ Ормутскиот теснец се намали на пет дневно во текот на викендот, што укажува на претпазливост кај бродарците, кои се загрижени за континуирани напади врз бродови. Како што објави Агенцијата за поморски трговски операции на Велика Британија (UKMTO) во неделата, танкер бил погоден од ракета при влегувањето во теснецот во саботата.

Американскиот министер за финансии Скот Бесент во неделата за Ројтерс изјави дека САД веројатно ќе воведат нови секундарни санкции врз Иран на неделна основа. Трамп, исто така, во неделата изјави дека нафтата обезбедена со договорот со Венецуела ќе се користи за надополнување на стратешките резерви на нафта на САД, кои паднаа близу до најниското ниво во последните 44 години.

Одделни пресметки на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) покажуваат дека барел од нафтената кошничка на нејзините членки се зголеми за 2,28 долари во петокот во споредба со претходниот ден, на 89,59 долари.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дата центри - дали сте информирани, дали поддржувате?