Катастрофа во Непал: Над 3.000 исчезнати, 750 мртви, спасувачите се повлекуваат

Непал
EPA/NARENDRA SHRESTHA

Бројот на жртви од минатонеделните катастрофални поплави во Непал и Тибет се искачи на 750, а 3.044 лица се водат како исчезнати, соопштија властите, додека спасувачите се повлекоа на повисоки места поради зголемувањето на нивото на реките поради дождот.

Спасувачките операции беа прекинати неколку пати од петокот поради лошите временски услови и загриженоста дека езерото формирано на границата меѓу Непал и Кина по ненадејните поплави предизвикани од уривањето на глечерот во средата би можело да предизвика нови поплави откако почна да се излева во реките во Непал.

Црвениот крст проценува дека повеќе од 90.000 луѓе веројатно се погодени од катастрофата, која Кина ја поврзува со ефектите од климатските промени.

Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји му рекол на својот непалски колега во телефонски разговор во саботата дека ненадејните поплави се нивната „најлоша прекугранична катастрофа“ во последните години и дека спасувачките операции се од невиден обем и сложеност, објави кинеската државна телевизија CCTV.

Тунелите во центарот на спасувачките напори

Спасувачките операции во Непал сега се фокусирани на стотици луѓе за кои се верува дека се заробени во тунелите на хидроелектраните откако порој од мраз, камења, кал и остатоци се спушти по хималајските реки.

Бројот на жртви во Непал се искачи на 734, со 2.498 исчезнати и 7.514 спасени, соопшти националната администрација за управување со катастрофи. Во Кина, до саботата навечер во округот Ѓиронг загинаа 16 лица, а 546 се водат како исчезнати, соопштија официјални лица во Тибет на прес-конференција.

Меѓу 261 странски државјанин од 23 земји кои исчезнаа на тибетска страна се 104 од Непал, 49 од соседна Индија, како и 33 Летонци, 18 Американци и 15 Британци, се вели во првото кинеско соопштение во кое се наведени националностите на загинатите.

Пекинг и Катманду соработуваат за идентификација на исчезнати граѓани и странски државјани, како и за зајакнување на соработката во спречувањето и ублажувањето на катастрофите и одговорот на климатските промени, објави CCTV.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали вашето семејство приготвува ајвар?