Во Салцбург беа украдени 210 златно обоени минијатурни скулптури на Волфганг Амадеус Моцарт, поставени како уметничка инсталација по повод 270 годишнината од неговото раѓање. Поради масовната кражба, изложбата беше предвреме прекината, а авторот се сомнева дека станува збор за организирана кражба.
Германскиот концептуален уметник Отмар Херл во јули поставил стотици мали скулптури во Салцбург, родниот град на Моцарт. Фигурите биле високи околу 50 сантиметри и го прикажувале композиторот со неговото омилено куче Пимперл.
Инсталацијата била поставена во соработка со Фондацијата Моцартеум и требало да остане во градот до крајот на август. Но, бројот на исчезнати скулптури постепено растел, а до 12 август биле украдени 210 од поставените фигури.
Првично организаторите очекувале повремено да исчезне некоја од скулптурите, но размерите на кражбата ги надминале сите очекувања. Авторот Херл изјавил дека не верува оти станува збор за туристи кои земале по една фигура како сувенир, туку дека зад исчезнувањето стои организирана кражба.
Скулптурите биле изработени од полимер, а не од вистинско злато. Херл планирал по завршувањето на изложбата да ги продава за околу 90 до 100 евра по примерок, што значи дека крадците не дошле до вредно злато, иако за уметникот и организаторите штетата е значителна.
И покрај тоа што биле обезбедени одреден број резервни фигури, тие не биле доволни за да ги надоместат украдените. Дополнителен проблем било тоа што производителот на скулптурите во моментот бил на годишен одмор, па не можеле веднаш да се изработат нови.
Херл веќе има искуство со кражби на вакви јавни уметнички инсталации. Во германскиот град Бајројт претходно биле украдени и 100 скулптури на композиторот Рихард Вагнер.
Моцарт е роден во Салцбург на 27 јануари 1756 година, а годинава градот одбележува 270 години од неговото раѓање. Идејата на Херл не била да создаде уште еден класичен споменик на композиторот, туку преку фигурата со кучето да прикаже една поприватна и почовечка страна од неговиот живот.
