Францускиот институт во Скопје и Амбасадата на Франција, со поддршка на Зегин и Тиквеш, ја организираат четвртата и последна гала филмска вечер за оваа година со проекција на филмот „Повторно родена“ (En corps).
Филмот ќе биде прикажан в четврток, 14 декември, во 20 часот, во кино „Милениум“. Настанот ќе го отвори Н.Е. г-дин Сирил Бомгартнер, Амбасадор на Франција.
„Повторно родена“ е дело на режисерот Седрик Клапиш, а во главните улоги играат Марион Барбо, Хофеш Шехтер, Дени Подалидес.
Француските медиуми за „Повторно родена“ пишуваат дека „Седрик Клапиш прави грандиозно враќање во филмската индустрија, снимајќи ги телата во движење со уникатна флуидност. Гледачот е понесен од животната сила на една млада жена која наоѓа храброст да си даде уште една шанса“ (Le Journal du Dimanche).
„Ова е еден од најдобрите филмови на овој режисер, визуелна уметност во секој кадар“ (Franceinfo Culture); Од овој филм се заминува со широка насмевка и ведрина во душата (20 Minutes); Телото додека се движи, дури и да боли, значи живот – ова ни го доловува овој лесен филм за човештвото (Télé 7 Jours).
Влезот е бесплатен, а влезници за проекцијата се резервираат преку следната мејл адреса: culture@ifs.mk (во рамките на капацитетот на расположливи места во салата).