Балканот веќе е сајбер фронт, Андоновски од Париз побара Европа да реагира навреме

Балканот веќе е дел од европската безбедносна архитектура и не смее да се третира само како прашање на идна интеграција, туку како прашање на стратешка предвидливост, порача министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски на тркалезна маса во Францускиот сенат, во рамки на Парис Сајбер Самит 2026.

Настанот во Палатата Луксембург во Париз ги собра претставниците на земјите од Западен Балкан, француските партнери и Western Balkans Cyber Capacity Centre, со цел да се продлабочи дијалогот за сајбер отпорноста, регионалната соработка, интероперабилноста и усогласувањето со европските и евроатлантските безбедносни стандарди.

Андоновски нагласи дека сајбер безбедноста денес не е само техничко прашање, туку дел од националната отпорност, демократската стабилност, заштитата на критичната инфраструктура и довербата во дигиталната држава. Според него, Македонија ја гледа сајбер отпорноста како составен дел од европската безбедност и демократската отпорност.

Министерот посочи дека Македонија, како НАТО сојузник и земја со јасна евроатлантска ориентација, пристапува кон сајбер безбедноста преку три паралелни линии: усогласување со НАТО, усогласување со европското acquis и целите на Дигиталната декада, како и претворање на стратешката усогласеност во реален оперативен капацитет.

Според соопштението, Македонија во изминатиот период постигнала значителен напредок преку новиот Закон за безбедност на мрежи и информациски системи, усогласен со принципите на NIS2, усвојувањето на Националната стратегија за сајбер безбедност, зајакнувањето на институционалната координација и работата на безбедни дигитални услуги и јавна дигитална инфраструктура.

Андоновски истакна дека земјата инвестира во Владиниот центар за одговор на сајбер инциденти MKD-GOV-CSIRT, заштитни системи, безбедна инфраструктура и меѓусебно поврзување, со средства од националниот буџет и со поддршка од стратешки партнери, вклучително и Соединетите Американски Држави.

Посебен акцент беше ставен на тоа дека сајбер инцидентите сè почесто се поврзуваат со хибриден притисок, дезинформации, економска принуда и напади врз довербата во институциите. Критичната инфраструктура, според Андоновски, денес не значи само енергетика и телекомуникации, туку и јавна администрација, здравство, образование и дигитални јавни услуги.

Неговата порака од Париз е дека малите администрации не можат сами да изградат доволна отпорност. За Западен Балкан, регионалната оперативна соработка не е луксуз, туку мултипликатор на сила, со постојани контакт точки, заеднички сајбер вежби, структурирана размена на информации и посилна интеграција со механизмите на ЕУ и НАТО.

Во време кога сајбер нападите сè почесто не ги уриваат само системите, туку и довербата во институциите, пораката од Париз е јасна: ако Европа сака дигитална безбедност, Балканот не може да го чека последен ред.

Најчитано