Самитот ЕУ – Западен Балкан во Тиват требаше да биде сцена за проширувањето, регионалната стабилност и европската перспектива. Наместо тоа, дел од вниманието го презеде скандалот со група српски државјани кои беа задржани на аеродромот во Тиват и вратени за Белград, откако црногорските безбедносни служби проценија дека претставуваат ризик за националната безбедност.
Станува збор за 87 лица кои пристигнале со чартер-лет од Белград, во пресрет на самитот на кој присуствуваа високи европски лидери и претставници на земјите од регионот. Црногорската полиција и Агенцијата за национална безбедност соопштија дека летот бил издвоен за засилени безбедносни проверки, по што патниците не добиле дозвола за влез и биле вратени во Србија.
Според објавените информации, кај групата биле пронајдени транспаренти со порака „Србија победува“, комуникациска опрема и поморска радио-станица. Дел од регионалните медиуми објавија дека меѓу лицата имало луѓе поврзувани со провладини структури во Србија, а за некои од нив беа наведени и тврдења за претходни кривични досиеја или учество во инциденти.
Политичката тежина на случајот е во контекстот. Во Тиват не се одржуваше партиски митинг, туку самит на Европската Унија и Западен Балкан, со присуство на европски лидери, меѓу кои претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц. Во таков амбиент, појавата на организирана група која црногорските служби ја третирале како безбедносен ризик не може да се чита како обичен инцидент.
Српската страна дополнително ја усложни ситуацијата со предупредувањето од Безбедносно-информативната агенција до Вучиќ да не патува во Црна Гора поради проценети безбедносни ризици. И покрај тоа, српскиот претседател отпатува во Тиват, а целиот настан беше следен со зголемени тензии меѓу Белград и Подгорица.
За српската дипломатија, ова е сериозен удар во момент кога ЕУ повторно зборува за проширување, но и за тоа колку земјите од регионот се подготвени да се однесуваат како идни членки на Унијата. Наместо пораки за реформи, усогласување со европската надворешна политика и регионална соработка, Србија во Тиват беше поврзана со безбедносен скандал и сомнежи за параполитички настап надвор од своите граници.
Случајот ја открива и пошироката криза на српската регионална политика. Односите со Црна Гора со години се оптоварени со прашања за влијание, идентитет, Косово, односот кон Русија и европското усогласување. Подгорица е членка на НАТО, ги следи санкциите на ЕУ кон Русија и се позиционира како најнапреден кандидат за членство во Унијата. Србија, пак, останува во двоен курс меѓу европската реторика и блиските врски со Москва и Пекинг.
Затоа инцидентот во Тиват не е само непријатна епизода со чартер-лет. Тој стана симбол на судирот меѓу две политички логики: европска сцена на која се очекуваат институционална дисциплина и дипломатски јазик, и балканска практика во која партиската мобилизација, демонстрацијата на сила и контролата врз наративот често се користат како продолжение на државната политика.
За Вучиќ, ова е уште еден момент во кој внатрешнополитичкиот стил произведува надворешнополитичка штета. Во Србија, ваквите спектакли можеби функционираат како порака до домашната публика. Надвор од Србија, особено пред европските лидери и безбедносните служби на земја домаќин, тие стануваат дипломатски товар.
Тиват требаше да биде простор каде Белград ќе ја покаже својата европска позиција. Наместо тоа, Србија се најде во приказна во која главни зборови беа забрана за влез, безбедносен ризик, чартер-лет и организирана група вратена од аеродром. За земја што формално сака членство во ЕУ, тоа е дипломатска слика која тешко се брише.
