Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Харадинај: Србија е охрабрена од грешките на Курти, ќе ги искористи земјите кои не го признаваат Косово

 Лидерот на опозициската Алијанса за иднината на Косово, Рамуш Харадинај вели дека писмото што го испрати Србија до Парламентарното Собрание на НАТО против барањето на Косово за придружно членство, е резултаат на грешките на косовската влада на меѓународен план, јави дописникот на МИА од Приштина.

Пред пролетната сесија на ПС на НАТО, што од 25 до 27 мај ќе се одржи во бугарската престолнина, Софија, а на чиј дневен ред е и барањето на Приштина за придружно членство, официјален Белград испрати писмо до членките на НАТО, во кое вели дека „доделувањето статус на Косово би било штетна одлука и за Парламентарното собрание на НАТО и особено за процесите на стабилизација и евроатлантска интеграција на Западен Балкан“.

За ваквата состојба, според Харадинај, виновен е и премиерот Албин Курти, кој направил грешки, кои, според него, негативно влијаат на меѓународните позиции на Косово.

„Србија е охрабрена од грешките на Косово, од грешките на Курти и оди чекор подалеку, па ни создава уште повеќе минуси, да ги наречам така, бидејќи таквото писмо до НАТО имплицира дека Србија веројатно подготвила наратив. Ова не е прво писмо, тие сигурно испраќале извештаи, информации дека наводно Косово дејствува против српската заедница“, рече Харадинај пред почетокот на денешната седница на Собранието на Косово.

Поранешниот косовски премиер изјави дека има значителен број земји во НАТО кои не го признаваат Косово како република и ја поддржуваат Србија.

„На пример има скептични земји кои не нé признаваат и исто така ќе ја искористат позицијата на Србија затоа што знаете дека за членство во НАТО се важни добрососедски односи, како и за други договори“, вели Харадинај.

Зачлени се на нашиот е-билтен