„Делириум во Сплит,” „Еуфорија во Шибеник,” „НЏО и Рамбо го разбудија Вис,” „Вис веќе нема да биде ист по настапот на НЏО И Рамбо Амадеус”, „Јавни нереди за време на концертот на Националниот Џез Оркестар и Рамбо Амадеус во Шибеник“, се само дел од насловите кои ги објавија медиумите во Хрватска за време на турнејата на Националниот џез оркестар, кој го нарекоа и “најлудиот оркестар на Балканот.“
Рекордно продадени концерти, изблици на еуфорија, громогласни аплаузи како и бројни осврти и написи во хрватските медиуми, ја означија првата официјална интернационална турнеја на Националниот џез оркестар кој настапи со Рамбо Амадеус на три престижни концертни сцени на хрватското приморје.
Долго ќе се памети нивниот концерт во Хрватскиот народен театар во Сплит, една од најреномираните културни институции во регионот, која ретко и инцидентно ја отстапува сцената за жанр, поинаков од класичниот. Видеата сведочат за неколкуминутни стоечки овации на публиката која во Сплит ги повикува музичарите на бис а музичката критика овој настап го оцени како ексклузивен кој можеби никогаш не се случил на оваа сцена.
„Уште сме под импресии иако има веќе неколку дена откако ја завршивме нашата турнеја низ Хрватска во рамки на која беа реализирани три концерти на кои со нас настапи нашиот пријател, извонредниот уметник Рамбо Амадеус. Уште еднаш, оваа наша соработка се покажа како исклучително успешна, а пред публиката се претставивме со биг бенд аранжманите на композициите на Рамбо, подготвени од нашите членови, кои македонската публика имаше можност да ги чуе пред година и пол на концертот кој се одржа на сцената на Филхармонија.“ –( НЏО).
Овој пат трите концерти обединија три различни контексти и хронотопи при што првиот настап беше на 25 јуни во Шибеник, во Тврдината на Св. Миховил, следеше концертот на 28 јуни, во рамки на првото издание на фестивалот Island Vis Music Breeze, и концерт во Хрватскиот народен театар во Сплит, една од најреномираните културни институции во регионот, кој се одржа на 1 јули.
„Изведбите на толку различни сцени бараат различен фокус при изведбата по што дојдовме назад со богато искуство, но и со полни срца бидејќи настапите беа одлично прифатени од страна на публиката, се изродија безброј нови можности за нови соработки, а концертите беа комплетно распродадени во рекорден рок.“ – (НЏО)
Концертот во Шибеник почна во релативно мирна концертна атмосфера и кон средината на концертот веќе цела публика беше на нозе и се случи голема концертна еуфорија со скандирање од страна на оубликата…” – вака го опишаа медиумите концертот во Шибеник, во Тврдината Св. Миховила, додека настапот во Хрватскиот народен театар во Сплит беше опишан како “редок вид на театарско музички перформанс креиран од НЏО И Рамбо”.
“Помеѓу НЏО и Рамбо имаше ретко видена и слушната интеракција каде целиот концерт повеќе наликуваше на музичка драмска претстава со високо креативна нарација на Рамбо Амадеус.”
Критиката имаше најпофални зборови за настапот на Оркестарот и сите музичари оценувајќи дека “Оркестарот се претстави на хрватската публика на највисоко професионално ниво и воедно прикажа вистинска непосредност во комуникацијата со Рамбо. Солистите блескаа во сите солистички делници”.
valeriobaranovic.pixieset.com/ramboamadeus/
Следниот настап на НЏО и Рамбо Амадеус е закажан во Охрид, на 11 август, Летна сцена Долни Сарај.