Инфлацијата во европските држави ги замрзнува цените на храната, солидарноста со граѓаните ја следи и Македонија

Последиците од КОВИД кризата, засилени со енергетската и економската криза кои го зафатија светот по руската инвазија на Украина, предизвикаа инфлација во Европа, со што се намали куповната моќ на граѓаните. Цените на продуктите драстично пораснаа, а додека се прават анализи за тоа колку поскапувањето е реално поради кризите, а колку поради профитерство на компаниите, владите започнаа да подготвуваат мерки.

„El Pais“ објави студија на Универзитетот Ахрус од Данска според која 48 отсто од граѓаните во Европа сметаат дека конфликтот во Украина им овозможи на дистрибутерите и производителите да заработат поголем профит. Цените пораснаа во речиси цела Европа, а според Индексот на потрошувачки цени, најголем пораст на цените има во Германија – 20,5 отсто и Португалија – 21,1 отсто. 

Франција воведува „квартал против инфлација“, Хрватска и Унгарија замрзнаа цени на основни производи

Во Франција Индексот на потрошувачки цени е зголемен за 14,4 отсто, поради што француската Влада соопшти дека ограничува цени на повеќе производи, особено на прехранбените производи, со цел да се олеснат инфлаторните притисоци за граѓаните.

Тие не дефинираа на кои производи ќе бидат замрзнати и намалени цените, тоа треба да го одредат дистрибутерите и трговците, но производите со намалени цени треба да бидат јасно истакнати со слоганот „квартал против инфлација“.

Ваквата иницијатива беше позитивно оценета од најголемиот ланец маркети во Европа, „Керфур“ кои најавија дека ќе ја замрзнат цената на 200 производи од средината на март до средината на јуни со цел да се излезе во пресрет на граѓаните. Компанијата ќе ги замрзне цените на 100 производи за домаќинство како детергенти, брашно и детска козметика и на 100 прехранбени производи како јогурт, јајца, свежи овошје и зеленчук, леб и житарици.

Слично настапи и хрватската влада, која за да спречи инфлација предизвикана од руската инвазија во Украина, но и промената на куните со евра, реши да ги замрзне освноните прехранбени производи, на цени пониски од тие кои во моментот се продаваа. Цените беа замрзнати и намалени за околу 30 отсто на маслото за јадење, брашното, шеќерот, но и на пилешко, свинско и мелено месо.

Цените на основните прехранбени производи беа замрзнати и во Унгарија уште минатата година, кога владата најави дека ќе се замрзнат цените на шеќерот, брашното, маслото за јадење, млекото, пилешко и свинско месо.

По лебот ќе се замрзнува и цената на тестенините

Во земјава, Владата ја замрзна цената на белиот и полубелиот леб на 33 денари, со цел да се овозможи сите граѓани да имаат пристап до евтин леб, откако производителите на леб неколку месеци користеа субвенционирана цена на електричната енергија, но не ги намалуваа цените на лебот. Ваквиот потег беше поздравен од граѓаните и беа осудени пекарниците кои одлучија неколку дена да не испорачуваат евтин леб за граѓаните.

Позитивен пример беа помалите пекарници кои им одржаа лекција по солидарност и општествена одговорност на големите производители на леб и одлучија да продаваат бел и полубел леб со цени пониски од максималната одредена од страна на Владата. Тие порачаа дека се подготвени и да губат пари при продажбата на бел леб, но дека ниту еден граѓанин во земјава не смее да остане без леб.

Министерот за економија, Крешник Бектеши сега најавува дека по лебот, замрзнување ќе има и на цените на тестенините, а подоцна можно е да се намалуваат и замрзнуваат цените на млечните производи и маслото за јадење. Според најавите на министерот до крајот на оваа недела се очекува одлука за замрзнување на цените на тестенините, за кои се очекува да се намалат цените.

Р. Р.

Треба да знаете
Moже да ве интересира