Градоначалникот на Тетово и претседател на Движење Беса, Биљал Касами во изјава за медиумите по настан во тетовскиот регион ја искоментира изјавата на лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски дека ќе ја напушти Владата ако во владините кабинети на министрите Албанци од Коалицијата „Вреди“ продолжи да се користи знамето на Албанија. Според Касами, Димитриевски не требало да зборува на таа тема.
– Не е Димитриевски тој што одредува кога и како ќе се користи националното знаме. Посакуваме коалицискиот партнер, во случајов претседателот на ЗНАМ, да излезе од предизборната реторика и да разбере дека сега сме дел од власта и мора да работиме за доброто на граѓаните. Ние како граѓани Албанци на оваа држава ги почитуваме и поддржуваме граѓаните на македонската заедница во заштитата на нивниот идентитет, а истото го очекуваме и од македонските граѓани да ги поддржат Албанците во заштитата на нивниот идентитет, националното знаме е важен сегмент од ова, рече Касами од тетовска Стримница.