Кој е „Фараон“ и зошто Србија реагираше дури по 800.000 прегледи?

Случајот „Фараон“ ја отвори една од најчувствителните теми во Србија a тоа е колку долго содржина што ги сексуализира децата може непречено да се шири на интернет пред да реагираат платформите и институциите. Откако спорниот видеоспот собрал повеќе од 800.000 прегледи, полицијата го приведе авторот, му ги одзеде електронските уреди, а неговите профили на „Тикток“ и „Јутјуб“ беа изгаснати. Осомничениот, сепак, набргу бил пуштен, додека проверките продолжуваат.

„Фараон“ е интернет-псевдоним под кој настапувал М. Р. (31) од Сремска Митровица. Тој се претставувал како рапер, јутјубер и тиктокер, објавувајќи провокативни песни и видеозаписи насочени кон помладата публика. Надвор од социјалните мрежи не бил широко познат сè додека неговата песна и спот „Жиг на ѕверот“ не предизвикале масовни реакции во јавноста.

Што е „ФАРАОН“?

Во видеото биле употребени стихови, сценографија и пораки што упатувале на сексуализирање малолетнички и претставување на таквото однесување како провокација и забава. Според Центарот за исчезнати и злоупотребувани деца, спорниот спот го виделе повеќе од 800.000 луѓе пред да биде отстранет.

На содржината најпрво реагирале корисници на социјалните мрежи, други инфлуенсери и организации за заштита на децата. Следувале масовни пријави на профилите и петиција со која се барало нивно трајно отстранување.

На 17 јули српската полиција соопшти дека го идентификувала корисникот на профилот „Фараон“. М. Р. бил однесен во Полициската управа во Сремска Митровица, а полицијата извршила претрес на станот и на другите простории што ги користел. Електронските уреди биле привремено одземени за вештачење.

Во акцијата учествувале Службата за борба против високотехнолошки криминал, полицијата во Сремска Митровица и посебното обвинителско одделение за високотехнолошки криминал во Белград.

Случајот доби дополнителна тежина откако Министерството за внатрешни работи објави дека против М. Р. веќе биле поднесувани кривични пријави во 2025 и 2026 година.

Пријавите се однесувале на сомневања за недозволени полови дејства и полово вознемирување, откако, според полициското соопштение, се обидел да изврши обљуба врз повеќе малолетни девојчиња. Н1 побарал од надлежните обвинителства информација што се случило со тие пријави и во која фаза се постапките, но не добил одговор.

М. Р. по разговорот со полицијата бил пуштен на слобода. Потоа објавил видео во кое тврдел дека му било кажано оти нема кривично дело и дека полицајците се смееле на случајот. Неговите тврдења не се независно потврдени од полицијата или обвинителството.

Експертите предупредуваат дека пуштањето на осомничениот не значи дека постапката е завршена. Вештачењето на телефоните, компјутерите и другите електронски уреди може да трае, а дури по анализата на содржините обвинителството може да одлучува за натамошните чекори.

ПРОФИЛИТЕ УГАСЕНИ ПО БАРАЊЕ НА ПОЛИЦИЈАТА

Профилот на „Фараон“ на „Тикток“ бил изгаснат на барање на српската Служба за борба против високотехнолошки криминал, а спорните видеа биле отстранети. Набргу потоа бил изгаснат и неговиот канал на „Јутјуб“.

Од „Гугл“ за Н1 соопштиле дека каналот бил отстранет по извршена проверка и дека на „Јутјуб“ не се дозволува содржина што ги загрозува малолетниците. Сепак, остана прашањето зошто реакцијата дошла дури откако видеото било прегледано стотици илјади пати и случајот стигнал до полицијата и медиумите.

Содржините што ги сексуализираат малолетниците може да се претстават како музика, хумор, провокација или интернет-забава. Популарноста на инфлуенсерот и визуелните ефекти можат да ја замаглат границата меѓу она што се претставува како забава и однесувањето што може да биде опасно за децата.

Откако една снимка ќе остане достапна со месеци, таа може безброј пати да биде преземена, зачувана и повторно објавена. Затоа експертите предупредуваат дека безбедноста на децата не смее да зависи од бројот на корисници што ќе го притиснат копчето „пријави“.

Сомнителните содржини не треба дополнително да се споделуваат, дури ни со намера да се предупреди јавноста. Потребно е да се зачуваат корисничкото име, називот на профилот и врската до содржината, а потоа да се поднесе пријава до платформата и до надлежните институции. Во Србија пријавите може бесплатно и анонимно да се достават и преку Националниот контакт-центар за безбедност на децата на интернет на бројот 19833.

Најчитано