Изборите за европскиот парламент покажаа дека демократијата е жива и дека проевропските сили може да продолжат да соработуваат, изјави вечерва претседателката на претходниот состав на Европарламентот, Роберта Мецола пред почетокот на неформалната средба на шефовите на држави или влади на земјите членки на која ќе се разговара околу изборот на највисоките функционери во Унијата.
– Резултатите од евроизборите мора да бидат земени предвид при изборот на претседателот на Европската комисија и можам да потврдам дека мнозинството од политичките групи во Европскиот парламент го поддржуваат процесот за избор на водечките кандидати, изјави Мецола.
Таа додаде дека ЕП е подготвен на соработка Советот на ЕУ во спроведување на постапката за избор на претседателот на Европската комисија, согласно Договорот на Европската Унија и утврдените процедури.
– Очекува добар напредок вечерва, за да можеме да почнеме да работиме, додаде Мецола, воедно потврдувајќи дека ја поднела својата кандидатура за претседател на Европскиот парламент и во новиот мандат.
Холандскиот премиер во заминување Марк Руте при пристигнувањето на средбата изјави дека кога ќе го погледне целиот пакет на имиња на кандидати за носителите на водечките функции во ЕУ мисли дека е можно брзо да се постигне консензус.
Руте нагласи дека Урсула фон дер Лајен е одличен кандидат за претседател на Европската комисија, но дека за сите функции ќе се решава во пакет, додавајќи дека вечерва сепак нема да биде донесена никаква одлука.
– Очекувам дека на овој неформален состанок ќе постигнеме консензус, а формалната одлука ќе биде донесена следната недела, истакна Руте.
Ирскиот премиер Сајмон Харис, исто така, истакна дека вечерва нема да бидат донесени никакви одлуки, туку само ќе започнат дискусиите за избор на носителите на водечките функции во ЕУ.
– Тие одлуки се надевам ќе бидат донесени до крајот на овој месец. Мислам дека е важно брзо да ги разјасниме овие работи. Треба да го направиме тоа како што треба, но исто така треба да го направиме со одреден степен на ефикасност, додаде Харис.
Данската премиерка Мете Фредериксен изјави дека се уште е рано да се говори за конкретни имиња, при тоа нагласувајќи дека таа не е во игра за ниту една функција, иако се споменуваше како кандидатка за претседателка на Советот на ЕУ.
– Важно е донесеме брза одлука. Сосема сум сигурна дека ќе најдеме добри решенија, изјави Фредериксен, додавајќи дека од нејзина и од данска перспектива, Фон дер Лајен во досегашното раководење со Европската комисија „направила добра и одлична работа“.
Словачкиот претседател Петер Пелегрини при пристигнувањето на средбата изјави дека Словачка ќе биде конструктивна при изборот на водечките кандидати.
– Бараме единство. Треба да бидеме многу внимателни кој ќе ги претставува Европската Унија и Комисијата на меѓународно ниво. И за тоа треба да разговараме, да не правиме уште поголема тензија отколку што е во реалноста, треба да имаме човек кој ќе може да ја смири ситуацијата, која сега е крајно под огромна тензија, рече Пелегрини.