Додека Собранието се подготвува на 10 јуни да расправа за Предлог-законот за игри на среќа, кој според проценките може да доведе до затворање на голем дел од легалната индустрија и губење на повеќе од 10.000 работни места, искуствата од регионот покажуваат дека забраните и рестрикциите ретко го решаваат проблемот. Напротив, тие често отвораат простор за развој на нелегални мрежи и криминални структури.
Последниот пример доаѓа од Албанија. Во полициската операција „Фер плеј“, спроведена во градот Воре во близина на Тирана, албанските власти открија организирана мрежа за нелегално обложување која функционирала во локално кафуле. Уапсени беа шест лица, меѓу кои и сопственикот на објектот, а нелегалното обложување се организирало преку мобилни телефони и електронска опрема.
Она што особено загрижува е што во паралелни акции полицијата запленила големи суми готовина, оружје и муниција, а во претходни случаи поврзани со нелегално коцкање биле откривани и врски со трговија со дрога и други форми на организиран криминал.
Овој пример отвора сериозно прашање и за Македонија. Дали со предложениот закон државата навистина ќе ги намали игрите на среќа или само ќе ги оттурне од легалниот во нелегалниот сектор?
Македонската јавност добро се сеќава на случајот „Детонатор“, кога криминални структури се обидоа да воспостават контрола врз дел од бизнисите поврзани со игри на среќа преку закани, рекет и насилство. Токму затоа експертите предупредуваат дека слабеењето на легалниот пазар и затворањето на лиценцирани компании може да создаде простор за повторна појава на нелегални мрежи кои функционираат надвор од институционална контрола.
Наместо државата да има надзор врз легални компании кои плаќаат даноци, вработуваат повеќе од 10.000 луѓе и работат под строги регулативи, постои ризик дел од активностите да се преселат во сивата зона, каде што нема заштита ниту за играчите, ниту за државниот буџет.
При инсистирањето да се донесе овој закон сомнеж остава и владејачката структура имајќи го фактот дека ВМРО-ДПМНЕ пред две години го блокираше истиот закон додека беше во опозиција, а денес го турка по забрзана постапка како дел од владината агенда. Во политичката јавност сѐ погласни се оценките дека законот нема економска оправданост, туку претставува исполнување на едно од клучните предизборни ветувања на коалицијата ВЛЕН, која ограничувањето на игрите на среќа го претставуваше како една од своите главни политички заложби.
Оттука, пред пратениците на 10 јуни не стои само одлука за една индустрија. Пред нив стои изборот дали Македонија ќе го зачува регулираниот и контролиран систем или ќе го преземе ризикот од сценарио какво што денес го гледаме во соседна Албанија со нелегални обложувалници, криминални структури и илјадници изгубени работни места.
