Помина 60 дена од почеток на кризата на Блискиот Исток а Мицкоски не презеде мерки за заштита на стандардот на граѓаните, рече на прес-конференција портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска
„Помина и Велигден, иако Мицкоски најавуваше после празниците нови мерки, повторно излажа, наместо мерки продолжија поскапувањата. Се случи тоа што предупредувавме, дека цените на нафтата и ако се намалат, цените во маркетите, продавниците и пазарите ќе останат високи. Скапите цени на храната и на основните производи секојдневно ги празнат џебовите на граѓаните. Последните податоци на Државниот завод за статистика, покажуваат дека зеленчукот е поскапен за над 38%, овошјето за над 10% а продажните цени во земјоделството за 23%“ порача Кузеска.
Таа додека и дека веќе два месеци се покачени и цените на месото, зејтинот, маслото, јајцата…
„Со Мицкоски животот на граѓаните станува се потежок, народот нема пари. СДСМ понуди конкретни решенија за намалување на ДДВ за храна на 0%, намалување на акцизите, намалување на ДДВ за горивата на 5%, намалување на патарините. Сега истите овие мерки ги најавува владата ама „во фази” – доцна и половично.
Додека владата на Мицкоски го штити бизнисот и не презема мерки Хрватска воведе цел пакет мерки и поддржка за земјоделците и рибарите, Ирска дава конкрена помош за ранливи категории, дури и една Германија намалува акцизи и дава финансиска помош. Само кај нас Мицкоски не презема ништо. Чекање, анализи, калкулации и лаги.
Мицкоски се фали со „трета економија во Европа”, а во реалноста – тотален дебакл на економијата. Платите останаа најниски во Европа, народот осиромашува, инвестициите си заминуваат, се затвораат фабрики. Странските инвестициите паднаа за 60% од 1,2 милијарди евра во времето на СДСМ на само 467,5 милиони евра сега. 180 милиони евра, заклучно со минатиот месец, беше долгот за поврат на ДДВ кон компаниите. Десетици фабрики се затворени а над 1.500 работници останаа без работа во изминатиот период. А за животниот стандард најдобро сведочат празните фрижидери на граѓаните“ порача Кузеска.
Потребни се итни мерки – веднаш за намалување на цените, поддршка на ранливите граѓани и поддршка на економијата.