„Златна мечка“ на Берлинале за францускиот документарец „На Адамант“

Францускиот режисер Никола Филибер со документарниот филм „На Адамант“ (Sur l’Adamant / On the Adamant) ја доби главната награда „Златна мечка“ на 73. Берлинале за најдобар филм, кој завршува вечерва.

Неговиот потресен филм ја раскажува сторијата за возрасни луѓе кои страдаат од ментални нарушувања, хоспитализирани на брод на Сена во Париз, кој служи како пловечки дневен центар .

Примајќи ја наградата за која одлучи меѓународното жири на чело со американската актерка Кристен Стјуарт, Филибер изрази длабока благодарност и трогнатост бидејќи Белинале го слави и наградува документарниот филм.

Филибер рече дека во филмот се обидел да ја „преврти сликата“ што луѓето ја имаат за оние со ментална болест и да им дозволи на гледачите да видат „што нè обединува надвор од нашите разлики“.

-Како што сите знаеме, најлудите луѓе не се оние што мислиме дека се, посочи Филибер.

„Сребрената мечка“ ја доби филмот „Лош живот“ на Жоао Канихо, а наградата за најдобра режија францускиот режисер Филип Гарел за „Големата кола“: неговата сторија говори за тројца браќа и сестри кои се обидуваат да го одржат во живот семејниот бизнис со кукли.  Фестивалскиот „Гран при“ го доби филмот „Црвено небо “ (Roter Himmel / Afire) на германскиот режисер Кристијан Пецолд.

Наградата „Сребрена мечка“ за најдобра улога (годинава родово неутрална, без поделба на машка и женска) ја доби осумгодишната Софија Отеро од Шпанија, која игра трансродово дете во дебитантскиот филм „20.000 видови пчели“ на Естибализ Уресола Солагурен.

Меѓународната федерација на филмски критичари – ФИПРЕСЦИ, со чии жири-комисии годинава претседаваше македонската критичарка Гена Теодосиевска, ги награди најдобрите филмови во четирите главни фестивалски програми на Берлинале. „Опстанокот на добрината“ на австралискиот ветеран Ролф де Хер е прогласен за најдобар во главната конкуренција, „Овде“ на Белгиецот Бас Девос во селекцијата „Средби“, данскиот „Тивката миграција“ на Малене Чои во „Панорама“ и романскиот „Помеѓу револуциите“ на Влад Петри во селекцијата „Форум“.

73. Берлинале започна со обраќањето на украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој од филмските автори побара да изразат недвосмислена поддршка на Украина во нејзината борба да се одбрани од руската воена агресија. Како бивш актер и комичар, Зеленски имаше забележителна ролја во документарниот филм „Суперсила“ на холивудската ѕвезда – но и критички автор и активист Шон Пен, кој ја имаше светската премиера на Берлинале.

Едно од најзучните имиња меѓу бројните гости на 73. Берлинале беше славниот американски режисер Стивен Спилберг, кој ја прими наградата за животно дело.

Треба да знаете
Moже да ве интересира