„Зелената политичка агенда е единствениот одговор на глобалните безбедносни и демократски предизвици со кои се соочуваат регионот а и Европа“, ова е пораката што ДОМ ја упати на 4тиот состанок на Советот за зелено лидерство (Green Leadership Council) на Европската зелена партија, кој се одржа во Брисел, на 13 јуни 2025 (петок).
На овој значаен форум, ДОМ беше претставен од ко-претседателката д-р Ана Угринска и секретарот за меѓународна соработка Ервин Реџепагиќ, кои остварија повеќе продуктивни билатерални средби и придонесоа во дефинирањето на заедничките позиции на европските зелени партии во однос на предизвиците пред кои се исправени зелените партии во Европа.
Фокусот на четвртото заседание на Зеленото лидерство беше поставен врз зајакнување на политичката соработка меѓу зелените партии во Европа, изнаоѓање одговор на сложените геополитички околности, како и утврдување на приоритетите за следниот период. Меѓу клучните теми беа позиционирањето на зелените во рамки на новите европски институции, политичките коалиции и потребата од поинтензивна поддршка за демократскиот развој на земјите-кандидатки од Западен Балкан.
„Заложбите за зелената транзиција, социјалната правда и демократијата, како и неопходноста овие вредности да станат интегрален дел од европската перспектива за регионот се приоритет број еден на партијата ДОМ“, истакнаа Угринска и Реџепагиќ.
Во своите разговори со претставниците на EGP, Greens/EFA групата во Европскиот парламент и партиите од Западен Балкан, тие нагласија дека градењето зелени мостови пред се’ меѓу зелените партии и граѓанскиот сектор е предуслов за стабилност, сигурност и одржлив развој и во Македонија а и меѓу регионот и Европа.
Во овој контекст, ДОМ ја поздрави и вклученоста на европските зелени партии во процесот на усвојување на новиот извештај за напредокот на Македонија во Европскиот парламент. Благодарение на амандманите поднесени од европратеникот на Зелените/Greens, Томас Вајц и другиte поддржувачи од Greens/EFA групата, извештајот вклучува формулации што го потврдуваат признавањето на македонскиот јазик и идентитет – значајна порака на солидарност и поддршка од европските институции.
ДОМ, како полноправна членка на Европската зелена партија, ќе продолжи да биде активен чинител во сите процеси на европско ниво кои се однесуваат на правдата, одржливоста и еднаквоста. Врските со сестринските партии во Европа се мост за заштита на вредностите кои ја дефинираат европската идеја во Македонија.