Деветтиот „Марш за ангелите“ во Кочани се одржува со почеток во 18 часот и пет минути

Денеска со почеток во 18 часот и пет минути во Кочани ќе се одржува деветтиот по ред „Марш за ангелите“, организиран од семејствата на жртвите во пожарот во ноќниот клуб „Пулс“.

Според организаторите, времето на почетокот на маршот го симболизира задоцнетото дејствување на институциите во справувањето со трагедијата.

Протестниот марш има двојна цел: да ја изрази поддршката за повредените лица и да испрати јасна порака дека семејствата и јавноста сè уште бараат правда. Организаторите повторуваат дека пожарот не го сметаат за несреќен случај, туку за масовно убиство, во кое институциите потфрлиле.

Маршот ќе започне од Паркот на револуцијата, ќе продолжи низ трговскиот центар, ќе помине пред зградата на Општина Кочани, а потоа ќе се упати кон Полициската станица, Основниот суд и Обвинителството.

Семејствата на жртвите ги повикуваат граѓаните, роднините, пријателите и сите кои ја поддржуваат борбата за одговорност, да им се приклучат и заеднички да ја пренесат пораката: дека правдата не смее да се одлага.

Зачлени се на нашиот е-билтен