За отворање на бизнис младите можат да добијат 10 илјади евра

Владата предвидува 40 милиони евра за мерки против невработеноста. Младите невработени ќе бидат стимулирани да добијат грантови преку Агенцијата за вработување, додека работодавачите ќе имаат корист доколку вработуваат млади лица.

Според министерот за економија Бесар Дурмши, со мерките ќе се создадат можности за самовработување и отворање бизниси.

Мерката е предвидена во Оперативниот план кој денес беше презентиран пред граѓаните на Тетово.

Само преку мерките што ќе се спроведуваат преку Министерството за економија и труд, а ќе се реализираат преку Агенцијата за вработување, ќе се доделуваат по 10 илјади евра за секој млад човек до 29 години, и до 7 илјади евра за отворање работно место или основање на компанија за лица над 29 години. Заеднички, доколку се одлучат две лица, финансиската поддршка ќе изнесува од 14 илјади до 20 илјади евра“, вели Бесар Дурмиши.

Од Агенцијата за вработување велат дека целта е овие средства да им се доделат на невработените лица и на работодавачите кои ќе бидат стимулирани да создадат одржливи работни места.

„Важноста на овие мерки е што тие се наменети за невработените лица и за работодавачите, а целта на мерките е да се поттикне вработувањето, да се намали невработеноста и да се создадат одржливи работни места“, вели Салајдин Салиу.

Во Македонија во моментов има 94.700 невработени лица, од кои 61% се со ниско ниво на образование. Според директорот на Агенцијата за вработување, податоците покажуваат дека компаниите што се отворени преку оваа агенција се поуспешни од оние што се регистрираат директно преку Централниот регистар.

Зачлени се на нашиот е-билтен