И покрај притисоците и заканите – Будимпешта подготвена за Парадата на гордоста

И покрај официјалната забрана од унгарската полиција, денеска во Будимпешта се очекуваат десетици илјади учесници на Парадата на гордоста. Според организаторите, поддршка за настанот ќе пристигне од повеќе од 30 земји, вклучувајќи ја и европскиот комесар за еднаквост Хаџа Лахбиб и околу 70 европратеници.

Парадата доби и јасна поддршка од над 30 амбасади, како и од претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, која ги повика властите да овозможат нејзино мирно одржување.

Унгарската полиција се повика на новиот закон за заштита на децата, усвоен во март, како основа за забраната. Критичарите го опишуваат законот како дел од широката репресија врз човековите права и слободата на изразување, особено во пресрет на парламентарните избори во 2026 година.

Градоначалникот на Будимпешта, Гергељ Карачоњ, се обиде парадата да ја организира како општински настан, за да ја заобиколи потребата од полициска дозвола, но властите го одбија предлогот и предупредија на можни правни последици.

Премиерот Виктор Орбан изјави дека учесниците ќе се соочат со правни последици, додека министерот за правда Бенце Тузон потсети дека организирање забранет собир е кривично дело казниво со затвор до една година, а самото присуство се третира како прекршок. Дополнително, властите најавија употреба на камери за препознавање лица за идентификација на присутните.

Сепак, градоначалникот Карачоњ ја отфрли заканата и изјави дека не ја сфаќа сериозно, додавајќи дека тоа само ќе ја зголеми неговата јавна поддршка.

Во заедничка изјава, седумдесет граѓански организации во Унгарија, меѓу кои Унгарската унија за граѓански слободи, Транспаренси Интернешнл Унгарија и Унгарската хелсиншка комисија, ја осудија забраната, нарекувајќи ја „средство за заплашување на целото општество“. Тие ја потврдија својата безрезервна поддршка за Парадата на гордоста и правото на мирно собирање.

Зачлени се на нашиот е-билтен