Осуммина лица со полициски овластувања и припадници на затворска полиција вработени во КПУ Затвор Скопје, добија обвинителен предлог, информираат во Јавното обвинителство.
„Јавен обвинител поднесе Обвинителен предлог против осум лица вработени во КПУ Затвор Скопје. Врз основа на прибраните докази првообвинетиот како директор на установата и двајца полициски службеници како соизвршители сториле продолжено кривично дело „Злоупотреба на службена положба и овластување“ од нив еден полициски службеник сторил и кривично дело „Несовесно работење во службата“, за кое дело се обвинети и останатите петмина полициски службеници“, се наведува во соопштението.
Осомничените, во период од март до јули 2024, со умисла извршиле повеќе временски поврзани дејствија, при вршење на нивните овластувања, при што на петмина осуденици им овозможиле погодности што согласно судските одлуки не им следувале.
„Тие дозволиле осудените да бидат спроведени до нивните домови и до други локации за приватни потреби спротивно на постапката за спроведување на лица лишени од слобода вон установа. Постапката беше отворена во февруари годинава против десет лица од кои за две лица е донесено Решение за отфрлање поради немање на докази“, се наведува во соопштението.