Кој го спречи доделувањето на државните награди „Мито Хаџивасилев Јасмин“ и „Мето Јовановски“?

државните награди
Фотографија од доделувањето на наградата „Мито Хаџи-Василев Јасмин“ во Собранието за 2023 година

Оваа година нема да се доделат државните награди „Мито Хаџивасилев Јасмин“ и „Мето Јовановски“, ова за Рацин.мк го потврдија од Министерство за култура и туризам, као владин ресор, кој заедно со Собранието на Македонија, ги администрира процесот за прогласување на добитници на овие награди.

„Мито Хаџивасилев Јасмин“ претставува државна награда, со која се оддава признание за остварувања во областа на публицистиката и новинарството. Во една година можат да се доделат најмногу до две награди. Се доделува на 21 декември – денот на раѓањето на Мито Хаџи Василев Јасмин. Државната награда „Мито Хаџи Василев-Јасмин“ за првпат е доделена во 1969 година.

Со државната награда „Мето Јовановски“ се оддава највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа на промоцијата, заштитата и унапредувањето на човековите права. Наградата се доделува секоја година на 10 декември, Меѓународниот ден на човековите права. Наградата е востановена во 2019 година.

Станува збор за две значајни награди со кои државата, прво го почитува и го одржува наследството на ликовите во чија чест се доделуваат овие награди, а второ им оддава признание на добитниците кои ги негуваат вредностите што ги олицетворуваат овие награди во современото македонско општество.

Токму затоа Рацин.мк праша зошто оваа година нема да се доделат овие државни признанија? Кој го спречи доделувањето на државните награди „Мито Хаџивасилев Јасмин“ и „Мето Јовановски“?

Од првата адреса на која се обративме, Министерството за култура довивме одговор дека „мандатот на претходните состави на одборите за доделување на државните награди истекол во ноември, а со тоа, во согласност со законските процедури, се создаде потреба од формирање нови одбори“.

Од ова министерство во преписката потенцираат дека врз основа на член 12 став 3 од Законот за државните награди, претседателите и членовите на одборите ги именува Собранието на Република Северна Македонија од редот на истакнати лица од областите за кои се доделуваат наградите.

„Од тие причини, од страна на Министерството за култура и туризам до Собранието навремено е доставено барање за именување претседатели и членови на новите одбори за доделување на горенаведените државни награди“, информираа од ова министерство.

Наша преписка на оваа тема продолжи со Собранието на Република Северна Македонија.

Од таму ни рекоа дека на 2 декември, Комисијата за избори и именувања, одржала седница на која на дневен ред бил изборот на новиот одбор за наградата „Мито Хаџи-Василев Јасми“ и дека постапката била завршена и новиот состав бил испратен на одобрување на пеленарна седница.

На истата седница, на 2 декември, под точката Разно, Комисијата бил разгледан и предлогот со имиња за новиот состтав на одборот за наградата „Мето Јовановски“.

До овие информации Рацин.мк дојде од релевантни извори во Собранието.

Дополнителното распрашување за тоа зошто дошло до застој во постапката ни откри и други, се чини, посуштински причини зошто дошло до оваа ситуација, кои секако и понатаму остануваат апсурдни.

Нашите извори во Собранието велат дека предлог листата за членови на одборот за наградата „Мето Јовановски“ била непотполна, односно недостасувале предлози за 4 члена. Од тие причини постапката била запрена и не поминала на пленарна седница

За  државната награда „Мито Хаџивасилев Јасмин“ постапката комисиски била завршена, ама не поминала на пленарна затоа што на листата предложени членови на одборот за доделување на наградата – немало претставници од албанската заедница.

На нашето барање за официјално толкување на причините за зошто, очогледно, оваа година нема да бидат доделени овие две државни награди, од Собранието го добивме следниот одговор:

„Постапката е започната и е во тек. Истата се спроведува согласно парламентарна процедура и ќе биде ставена на пленарна седница кога ќе бидат исполнети сите предвидени услови.“

Како да е сѐ нормално?!? „Постапката е започната и е во тек…“, само што оваа година нема награди. Да биде апсурдот поголем, по објавениот повик за аплицирање за награда „Мито Хаџивасилев Јасмин“, на адресата на Министерството за култура пристигнале 12 пријави. Луѓето биле озложени на трошоци за копирање и достава на нивните апликации и сега – никому ништо.

Најпасурдно од сѐ е што заради нечија негрижа и безобзирност, на овие луѓе им е „погазена“ надежта дека, ете, тие сметале дека за нивните кариери држвата треба да ги награди.

Зачлени се на нашиот е-билтен