Бугарија, Романија и Грција најавија дека заеднички ќе побараат средства од Европската Унија за модернизација на железничката линија Букурешт–Софија–Солун, како дел од коридорот Црно Море–Егеј. Иницијативата беше презентирана по состанок во Софија со претставници на трите земји и Европската комисија, а бугарскиот министер за транспорт Гроздан Караџов изјави дека по десетгодишна пауза, од следната година повторно ќе се воспостави редовна железничка врска меѓу Софија и Солун.
Оваа линија има и симболичка и практична тежина: последниот воз на таа релација сообраќал во 2017 година, а сега планот е да се врати редовноста и да се зајакне товарниот проток меѓу Дунав, Софија и Егејот. Во пакетот се отвора и уште една „голема ставка“ за транспортната карта на регионот: приоритет за изградба на трет мост преку Дунав кај Русе и Ѓурѓево, паралелно со постојниот, како и модернизација на сегашниот мост и електрификација на делницата што минува преку него.
Караџов проценува дека целосно електрифицираниот железнички сообраќај меѓу Бугарија и Романија може да ги намали трошоците за транспорт на стоки до 30 проценти. Во превод, станува збор за проект што не се продава само како инфраструктура, туку како директен економски инструмент: поевтин транспорт, поголема предвидливост на логистиката и полесно поврзување на пристанишни и копнени рути.
Во услови кога регионот се обидува да се „пренасочи“ од камионска зависност кон поефикасни коридори, ваквите потези се порака дека големите транспортни оски повторно се кројат. За земјите надвор од овој триаголник, прашањето е едноставно: дали ќе останат само гледачи – или ќе се врзат на новата мрежа со сопствени инвестиции и реални рокови.