ЕУ бара објаснување од Будимпешта откако во пресрет на унгарските избори на 12 април се отвори сериозен спор околу наводите дека шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто со години му пренесувал доверливи информации од затворени состаноци на ЕУ на рускиот министер Сергеј Лавров. Европската комисија во понеделникот ги нарече тие извештаи „многу загрижувачки“ и побара појаснување од Унгарија, со што случајот од медиумска афера прерасна во нов тест за довербата меѓу земјите членки.
Според извештаите што први ги објави Вашингтон Пст, а потоа ги пренесоа повеќе меѓународни медиуми, Сијарто наводно во паузи на состаноците на Советот на ЕУ редовно разговарал со Лавров и му давал „директни извештаи“ за текот на дискусиите и можните решенија. Токму тоа ја крена тревогата во Брисел, бидејќи разговорите меѓу министрите и лидерите во ЕУ се подразбираат како доверливи и почиваат врз принципот на меѓусебна лојалност. Комисијата јавно не потврди дека наводите се докажани, но јасно порача дека односот на доверба е суштински за функционирањето на Унијата.
Сијарто, пак, категорично ги отфрли обвинувањата и ги нарече „лажни вести“ и „лаги“, тврдејќи дека станува збор за политички мотивирана кампања насочена кон поддршка на опозицијата. Виктор Орбан во меѓувреме отвори истрага, но не за наводното протекување информации, туку за можно прислушување на неговиот министер, откако провладини медиуми објавија аудиоснимка поврзана со новинарската истрага. Така, Будимпешта се обидува тежиштето да го префрли од суштинското прашање — дали навистина имало споделување доверливи информации — кон тврдењата за „шпионирање“ на унгарскиот министер.
Најтешката политичка штета не доаѓа само од самиот навод, туку од фактот што дел од европските партнери велат дека одамна имале такви сомнежи. Полскиот премиер Доналд Туск изјави дека ова „не треба да изненади никого“, а германското МНР оцени дека станува збор за „многу сериозни“ наводи. Засега нема официјална одлука ЕУ јавно да ја исклучи Унгарија од клучни формати, но дипломати веќе признаваат дека во присуство на унгарски претставници се зборува повнимателно и дека сè повеќе важни разговори се префрлаат во помали, потесни кругови. Токму затоа овој случај е повеќе од уште една предизборна афера: тој отвора прашање дали Будимпешта за Брисел сè уште е тежок партнер, или веќе станува безбедносен проблем внатре во самата Унија.
